Засега пропаѓа планот за избор за шеф на Вишото скопско јавно обвинителство кој е близок на ДУИ.

На денешната седница на Советот на јавните обвинители не беше избран шеф на Вишото скопско јавно обвинителство.


Според официјалното образложение на членовите им било потребно дополнително време за да ги разгледаат оценките и досијеата на пријавените кандидати.

Според неофицијалните информации од советот кандидатот поддржан од ДУИ не добил поддршка за негов избор и со одложувањето на ДУИ ќе му се даде простор за дополнително ,,убедување” на луѓето кои треба да изгласаат нов обвинител на ова обвинителство.

Предходно со гласање на директни избори минатата недела обвинителите го изгласаа Ислам Абази кој важи за близок на ДУИ за шеф на ЈО за организиран криминал и корупција.

Денешната седница почна со задоцнување од час и половина, по консултации на членовите во канцелариите.

Во ,,трката” за шеф на ова обвинителство се актуелниот обвинител на вишото скопско обвинителство Мустафа Хајрулахи како и обвинителите Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми. И двајцата беа дел од поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО), а потоа беа избрани за виши обвинители.

На конкурсот не се пријавил ниту еден обвинител Македонец или од другите етнички заедници.

Седницата е одложена за следниот понеделник.

На истата седница се одложи и изборот на шефовите на повеќе обвинителства и тоа на Вишото јавно обвинителство Гостивар, како и шефови на обвинителствата во Велес, Битола, Гостивар, Кавадарци и Куманово.

На денешната седница единствено беше донесена одлука за именување на новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Тој доби поддршка од сите членови на Советот.

Членовите на советот, Коле Штерјов и Љубомир Јовески тврдеа дека Абази се покажал како добар менаџер во Вишото обвинителство во Гостивар, бидејќи откако стапил на функцината за краток период се решиле сите стари предмети кои се трупале со години.