Оди ли Македонија кон банкрот: Владата не ги спречи црните сценарија на експертите

Во интервју за порталот pari.com.mk екс гувернерката на Народната Банка Маја Кадиевска Војновиќ укажува дека владата со буџетот за 2023 година потврди дека Македонија е влезена во период на стагфлација.

Таа анализира дека по нискиот раст оваа година, во 2023 година власта планира низок раст од 2,9% и повторно висока инфлација од 7,1%. Според неа буџетот се полни од инфлацијата, а не од реалната економија.

Во интервјуто за порталот „Пари“ екс гувернерката на НБМ упатува остри критики за усвоениот буџет и фискалната политика која ја води владата а која може да доведе до банкрот на државата.

Дел од интервјуто:

Пари: Собранието го усвои Предлог-буџетот за 2023 година. Колку според вас е реален буџетот и дали соодветствува со вистинските потреби на граѓаните и стопанството?

Кадиевска Војновиќ: Владата со буџетот за 2023 година планира да потроши 5,3 милијарди евра што е за 65% повеќе од последниот буџет во 2017 година на претходната власт (од 3,2 милијарди евра). Веќе втора година по ред вкупните расходи годишно растат над половина милијарда евра, а во меѓувреме справувањето со кризи потфрла и реализација на инфраструктурни проекти нема. Генерално, Владата со буџетот за 2023 година потврди дека Македонија е влезена во период на стагфлација, односно по нискиот раст оваа година, во 2023 година планираат низок раст од 2,9% и повторно висока инфлација од 7,1%. Но, проекцијата за растот е опимистичка во услови кога забавува економската активност на нашите најголеми трговски партнери и кога забавува и домашната побарувачка заради високите малопродажни цени кои го еродираат реалниот доход на населението и високите цени за струјата, кои ја намалуваат ликвидноста на домашните фирми и можноста за инвестиции. Владата докажа дека нема капацитет да реализира капитални проекти, па затоа базирањето на растот на инвестициската активност на државата е неразумно. Од друга страна, ризиците за инфлацијата се во нагорна насока, поттикнати од надворешни и домашни фактори. Буџетот се полни од инфлацијата, а не од реалната економија.

Пари: Наредната година се очекува буџетски дефицит од околу 700 милиони евра, заради финансирање на капитални расходи. Како го коментирате ова?

Кадиевска Војновиќ: Имаме дежа ву од лани и од претходни години дека златното правило се применува т.е дека Владата се задолжува само за финансирање на капиталните проекти. Но, не е така. Буџетскиот дефицит значајно ги надминува капиталните расходи во последните три години. Ова значи дека не се задолжуваме исклучиво за покривање на капиталните расходи, туку се задолжуваме и за тековни трошења, односно за плати на јавна администрација, за набавки на стоки и услуги, за пензии, социјала, здравство, отплати на камати, субвенции, трансфери до општини итн. Златното правило не важи за оваа Влада. Кумулативниот дефицит од 2018 година заклучно со 2022 година (за пет години) ќе биде околу 2,5 милијарди евра, а кумулативните капитални расходи се пониски и околу 1,5 милијарди евра. За споредба, од 2007-2017 година, за 11 години на претходната власт буџетскиот дефицит е 2,4 милијарди евра со повеќекратни кризи кои не ги почуствувавме, а кумулативниот износ на реализирани капитални расходи е 3 милијарди евра. Со оваа власт дефицитот т.е задолжувањето значајно се мултиплицира, справувањето со кризите потфрла, не се испорачува економски раст, а најмалку преку капитални државни инвестиции. Уште повеќе, четврта година по ред Владата ќе креира исклучително висок буџетски дефицит од 694 мил.евра, колку и оваа година. Во 2021 година буџетскиот дефицит беше 630 мил.евра и во 2020 година изнесуваше 874 мил.евра. Финансирањето на функциите на државата со толку високи дефицити е неодржливо, создава и ќе создаде уште поголеми проблеми во иднина.

Пари: Но, капиталните инвестиции во 2023 година Владата ги планира да изнесуваат 800 милиони евра. Дали имаме капацитет за ваква реализација?

Кадиевска Војновиќ: Капиталните инвестиции од 800 мил.евра ќе бидат само на хартија, а во пракса ќе бидат значајно помалку. Како и во претходните години, така и оваа година имаме висок иницијален план на капитални расходи којшто на крај не се исполнува. Нереално е да се планираат капитални расходи за 2023 година како 15% од вкупни расходи, а знаат дека реализираат само околу 7,5%, колку што е просекот од 2018-2021 година. Што ќе се случи толку различно за една година за да ја подобрат реализацијата за 100%? Ова повеќе личи на предизборно ветување кое ќе остане само ветување. И во 2022 година капиталните расходи иницијално беа планирани на 622 мил.евра, па со ребалансот се намалија за 100 милиони евра и со последната распределба дополнително за околу 100 мил.евра. Остварувањето на капиталните расходи до 19.12.2022 година беше 336 мил.евра, а на 21.12.2022 година е 383 мил.евра (за три дена плус 50 мил.евра). Но и со последната дата тоа е само 62% од иницијалниот план за капиталните расходи.

Целото интервју на овој ЛИНК