Дури 720 евра повеќе од лани или вкупно 4.100 ќе ги чини муслиманските верници од Македонија што годинава ќе заминат на аџилак во Саудиска Арабија.
Со тоа, Македонија е втора најскапа земја од регионот за аџиите, со незначително пониски трошоци само од Босна и Херцеговина, каде што за таа намена треба да се издвојат 4.168 евра.
„Подобрените услови, хотел, побезбедното и поудобно патување, растот на трошоците за различни давачки ја диктираат цената, која е нешто повисока од 2017 година“, велат од македонската Исламска верска заедница за турската државна новинска агенција Анадолија.
Од ИВЗ додаваат дека пријавувањето е во тек, а заминувањето е планирано за 9 и 10 август. Годинава се очекува бројот на аџиите да достигне 1.000, во споредба со 840 минатата година.
Најмногу конкуренти за аџии ќе има од БиХ, од каде што во Мека и Медина ќе отпатуваат најмалку 1.680 верници.
Од Косово ќе заминат околу 1.100 муслимани за 3.800 евра по човек, од Србија одат 235 луѓе, кои ќе ги чини 3.600 евра, а најевтино ќе поминат верниците од Албанија, кои за оваа намена ќе издвојат по 3.500 евра.
Црногорските муслимани, досега пријавени 54, аџилакот ќе ги чини по 3.800 евра, а од Хрватска се најавени 15, но тие најверојатно ќе патуваат заедно со тие од БиХ.