Од вакцини за Ковид-19 абер нема, ама Владата усвоила Национален план за вакцинација

Владата обзнани дека не седи со скрстени раце додека во Македонија не е влезена ниту една единствена вакцина за Ковид-19 еден месец по почетокот на вакцинацијата во повеќе земји, па усвои Национален план за вакцинација.

„Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани. Фазите ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација. Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.

За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктура и стручниот кадар кој досега ги спроведува вакцинациите во државата. Организацијата на системот ќе биде адаптирана согласно условите и во моментот кога ќе има поголем број на вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување на повеќе вакцинални тимови и отворање на пунктови.

Националниот план опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата“, соопшти Владата.