Од утре на вакцина без закажан термин

Како што беше најавено, од утре (12 јули) граѓаните ќе може да се вакцинираат против ковид-19 и без закажан термин.



Вакцинирањето без термини ќе се одвива во постоечките вакцинални пунктови од здравствените домови и болниците во државата, додека во спортските сали ќе се одвива ревакцинацијата на оние кои веќе примиле прва доза.

Паралелно ќе тече и имунизацијата на граѓаните кои се пријавиле преку веб-платформата vakcinacija.mk.

Исто така, од утре треба за започне и теренската вакцинација, а ќе се дозволи и вакцинација на деца од 12 до 16 години. На децата ќе им се дава вакцината на „Фајзер“ која во овој момент, како што рече Филипче минатата недела, е единствена вакцина која е дозволена да се користи за деца на оваа возраст.

Заклучно со петокот, во земјава барем со една доза се вакцинирани вкупно 417 141 граѓани од кои 245 231 се веќе ревакцинирани. Интерес за вакцинација, пак, преку веб-платформата искажале вкупно 496 228.