Од среда поевтино месо, млеко, зеленчук и овошје – ќе се продаваат со ознака „гарантирана цена“

Владата утре на седница ќе ја утврди листата на производи кои од среда ќе се продаваат по намалена, гарантирана цена, и тие не ќе смеат да поскапат до 30 ноември. Станува збор за 25 категории и над 50 производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија кои во маркетите ќе се продаваат со ознака, а ќе чинат колку што се продавале на 1 август и дополнително на тоа намалени за минус 10 отсто. Ова денеска на прес-конференција го најави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Листата на прозиводите, како што нагласи министерот, е направена според листата на Државен завод за статистика за тоа што најмногу трошат граѓаните. На оваа листа не се алкохолните и безалкохолните пијалоци, но Бектеши рече оти е уверен дека и тие ќе се продаваат со ознака „гарантирана цена“.

Ги повикувам производителите и диструбутерите кои не се наоѓаат на листата, доброволно да се пријават за намалување на цените, односно да не се почувствуваат дискриминирани, да се пријават нивните производи да имаат ознака ‘гарантирана цена’. Јас утре ќе имам разговори со производителите и диструбутерите на алкохолни и безалкохолни пијалоци и чекам позитивен фидбек за да се намалат и нивните цени до 30 ноември. Има интерес од одредени компании во вакво кризно време да станат општествено одговорни компании и да им излезат во пресрет на граѓаните“, изјави Бектеши и најави казни за злоупотреби согласно Законот за трговија и Законот за потрошувачи.

Бектеши најави дека за подобра заштита на потрошувачите, Министерството за економија изготвило ново законско решение за нефер трговски практики кое содржи одредени механизми за казнување и злоупотреба во делот на формирање цени, и овој предлог закон ќе биде поднесен во Собранието со европско знаменце. Исто така, рече Бектеши, ќе се зголемат и надлежностите на Државниот пазарен инспекторат.

Министерот за економија најави и измени во делот на акциите кои можат да ги прават маркетите. Тој објасни дека ќе бидат дозволени акции на прозиводи заради уште пониски цени од гарантираната. Но, ако има акција заради истек на рокот на некој производ, тоа јасно мора да им биде нагласено на потрошувачите за да не бидат доведени во заблуда.