Албанците имаат поголема доверба во меѓународните организации отколку во државните институции, при што американската амбасада е рангирана на прво со 33,2 проценти, втора е Делегацијата на Европската унија во земјата со 30,7 отсто, а трета Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) со 29,7 отсто, покажува анкетата објавена од Евроњуз Албанија.

Дури по нив, на четвртото место, а на прво од домашните субјекти, се верските лидери, кои добија доверба од 23 проценти, а веднаш зад нив се Централната изборна комисија со 18,6 отсто и Владата со 18,5 отсто. Следуваат опозицијата со 17,3 отсто, медиумите со 18,1 отсто, граѓанското општество и полицијата со по 16,1 отсто, претседателот со 15,2 отсто, локалната власт со 14,5 отсто, Обвинителството со 14,2 отсто, Парламентот и судовите со по 7,4 отсто и на дното политичките партии со 6 отсто.

Иако најсигурна институција за Албанците, амбасадата на САД бележи пад во октомври за 3,7 процентни поени во однос на довербата од 36,9 отсто во септември. Исто така, Делегацијата на ЕУ во септември имала доверба од 38 проценти албански граѓани, за разлика од 30,7 отсто во септември.

Од овие две странски дипломатски претставништва доаѓаат и двете личности со најголема доверба меѓу граѓаните на Албанија – американската амбасадорка Јури Ким и нејзината колешка од ЕУ, Кристијане Хохман.