Жителите на градот Севница во Словенија, од каде потекнува Меланија Трамп, се надеваат дека славата на местото ќе трае и откако таа веќе не е прва дама на САД.

Тортата „Меланија“ го зазема главното место во слаткарницата „Јулија“, која се наоѓа во рамките на единствениот хотел во Севница, пишува Би-Би-Си.


Елегантната торта е специјално дизајнирана да ја претставува Меланија Трамп. Златните шари се поради Трамп, а белите поради Белата куќа, вели Нуша Видмар, сопственичката на слаткарницата. Тортата содржи и ореви кои станаа сезонска состојка откако Меланија Трамп стана прва дама во јануари 2017 година.

Во последните неколку години, жителите на Севница стекнаа меѓународна слава за промовирање на нивниот град и неговите производи.

Сепак, сега кога Трамп е во последните недели од неговиот претседателски мандат, се чини дека овој период на Севница е при крај.

Газдарицата на „Јулија“ тврди дека многу луѓе ширум светот ја посетиле слаткарницата и дека сите ја пробале тортата „Меланија“, како и дека не верува дека тие дошле само поради тортата.

„Ова беше одлична работа и за нас, и за Словенија, историски момент што веројатно никогаш повеќе нема да го доживееме“, вели таа.