Не, не се однесува ова на некој од друштвото крадачи кои глумат власт во Македонија. Ниту на било кој од обесчовечените „новинари“ и владини-невладини бранители на сите глупости што ги прави и ќе ги прави истата таа власт. Не, ова се однесува на едно десетгодишно дете што се шета низ маало, во една скопска источна полупериферија. Фино дете. Воспитано, културно, велат одличен ученик. Но, постои „општ консензус“ меѓу локалните клинци дека од прва се гледа оти е педер.

Тој консензус можеби е усогласен од децата, ама никој не може да ме убеди дека толку погана, толку проста а неверојатно сложена дефиниција за навреда може да дојде од детски ум. Јасно, тоа е дело на возрасен човек, на некој сериозен лик, веројатно татко или мајка на семејство, или повеќемина кои во летната квечерина меѓу две расправи на клупите пред зграда за местени натпревари во кладилница и растот на цената на храната, промптно заклучиле дека „тој таму, го гледаш“ мора да е педерчуга. Се понатаму, заклучно со општиот став на сите деца на улицата е чиста рутина. А малиот ќе мора да живее со таа стигма веројатно уште многу, многу време, ако не и засекогаш.


Се обидов да прашам, како тоа се гледа тоа и што точно се гледа и се разбира не добив никаков одговор. Само дека тоа сите го гледаат од прва. Директ, од едно гледање. Кога јас бев „копиљ“ истите називи ги добиваа некои мои врсници, само што тоа не ме допираше. Веројатно затоа што тоа беше природно и уште повеќе затоа што никогаш не се однесуваше на мене лично. А кога не е за тебе, хм, како да речам, на кого му е гајле тогаш? А сега ме допира. Ми е криво, бидејќи гледам дека и понатаму на никој не му е криво. И после 30 или повеќе години. На никој не му е срам од таа несфатлива суровост.

Ние се срамиме од тоа што сме сиромашни. И од тоа што државата исчезнува пред нашите очи оставена на милост и немилост на неспособни, а дрски министри и пратеници. Се срамиме од неверојатната коруција, иако во неа и самите учествуваме. Се срамиме бидејќи никој во светот не не есапи за ништо. Се срамиме од тие што не преставуваат пред тој свет. И од уште многу нешта со право ни е срам. Но од осакатувањето на детската душа преку бесмислени обележувања немаме срам. Немаме чувство, едноставно кажано. И си мислам дека тој морален распад, тоа подло бесрамно лечење на сопствените фрустрации преку понижување на поинаквите, е една од суштинските причини зошто имаме општество од кое со право се срамиме. Од првиот во Владата до последниот шраф во некоја расклатена даска од основно училиште во Мариово.

А оној малиот? Не знам што ќе биде со него понатаму. Какви ќе бидат неговите сексуални склоности или што ќе работи и како ќе живее си е само негово право и негова работа. Но дури и утре да излезе скапаница и последен шутрак, сега е добро дете. Од прва се гледа, ако некој сака да погледне убаво. Иако тоа е тешко кога постои „општ консензус“ дека не чини само затоа што малку се разликува од останатите. Од обичните и нормалните. Во ненормалната земја.

Драган Милосављевиќ, новинар, нормален тип. Во ненормална земја.