Од понеделник ќе се издаваат изводи од матично „по старо“

Министерот за правда Кренар Лога вели дека на директорот на Управата за водење матични книги му е кажано дека треба сите изводи да им се даваат на граѓаните по старото упатство.

Верувам дека од понеделник ќе може да се земе извод од матични книги“, рече Лога во вечерашното гостување на ТВ Сител.

„Уставниот суд го стави решението на Министерството надвор од функција…Уставниот суд донесе времена мерка дента кога бев присутен таму и кога со вас ги споделивме службените весници дека Уставниот суд не е влезен во материјата на актот, туку само во формалниот дел и дека не е почитуван уставниот рок. И тогаш кажав дека има пропуст и дека ќе го повлечам упатството, како и дека ќе има ново, согласно Уставот – седум дена од денот на потпишување до денот на објавување“, објасни Лога.

Тој тврди дека иницијативата на Министерството за изводите со етничка графа, не е неуставна. Покажа и акти кои, како што рече, се основани врз Законот за матични книги од 1995 година. Етничката графа, напомена, се злоупотребува, особено при вработувањата.

„Во најголем дел етничката припадност се злоупотребува при вработување. Тука сум да го заштитам првично македонскиот граѓанин, зашто ако нема партиски или висок функционер не може да се вработува. Оваа графа се злоупотребува за одредени луѓе да влезат на работа“, истакна Лога.

Министерот објасни и зошто имало недоразбирања околу иницијативата во јавноста.

„Знам зошто ова покрена некакви недоразбирања – зашто од првите денови т.н. бугарски здруженија кажаа дека за 250 денари ќе може да извадат каков било документ со што ќе се загрозува до некаде идентитетот или реалноста по етничка припадност, но јас кажав ако било која држава сака да ја злоупотребува таа работа, истиот ден од моја страна ќе биде скратено и надвор од сила“, нагласи министерот.