Среде погреб, по налог на Обвинителството, телото на девојката која лекарите се обидувале да ја реанимираат во тетовската ковид-болница, било одземено и однесено во Институтот за судска медицина.
Претходно на родителите им било дозволено да го земат телото на својата ќерка и им било кажано дека можат да ја погребаат, со оглед на тоа што починала пред настанувањето на пожарот. Погребот бил организиран, а телото било однесено во црква.
Во меѓувреме, обвинителството решило да ја додаде во предметот и побарало нејзина обдукција, дознава порталот Инфо.
„Обдукцијата по барање на обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот“, изјавија од обвинителството.
Реанимацијата на девојката со дефибрилатор во медиумите и по изјава на некои сведоци се споменуваше како една од можните причини за пожарот во кој загинаа 14 лица.