Петнаесет отсто од платениот ДДВ ќе се враќаат назад кон граѓаните со новата мерка за поврат на ДДВ која стартува од денес.
Што значи дека на платена сметка од 1.000 денари, на кои 180 денари се ДДВ, државата ќе враќа 15% или во овој случај 27 денари.
На сметка од 1.000 денари каде што данокот е 5 %, на пример за прехранбени артикли, повратот ќе биде 7,5 денари.
Граѓаните не треба да ги собираат фискалните сметки, туку со својот паметен мобилен телефон веднаш или најдоцна во рок од 10 дена да ги скенираат бар-кодовите од нив.
За да можат да скенираат, претходно треба да ја симнат апликација МојДДВ. Апликацијата ќе биде достапна за симнување на веб страницата на УЈП, а на еден телефон ќе можат да бидат логирани повеќе лица.
Повратот ќе важи само за сметки до 30.000 денари, за да се избегнат скапи односно луксузни работи.
Повратот нема да се прави за фактури и сметки со кои граѓаните плаќаат струја, вода и останатите комуналии.
Од оваа услуга на граѓаните ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно, оценуваат од Владата, а лимитот за едно лице ќе изнесува 1.800 денари квартално или најмногу 28.800 денари годишно за едно четиричлено семејство.