FIXIE – Од бизнис идеја до мисија за рушење на табуата

Таа е жена претприемач која својата иновација ја има патентирано уште во далечната 2009 година. Грижата за жената, женското здравје и рушење на табуата се нејзиниот главен двигател со сите овие години. Во декадата кога сѐ погласно се промовира женското претприемништво, со желба и намера да ги охрабриме сите млади девојки кои размислуваат да отпочнат сопствен бизнис, да отворат своја компанија или да патентираат некој свој производ, разговараме со Јасна Петков Стојановиќ, креаторката на FIXIE.

Прашање: Може ли на самиот почеток да ни го претставите вашиот производ, како дојдовте до идејата да ги создадете FIXIE?
Одговор: Од секогаш имав потреба да ги следам трендовите на тоа што значи да си еманципирана жена и да ја надградувам својата личност.

Во еден таков момент, пред сѐ незадоволна од посакуваната естетика која не ја добивав при облекување на обичните гаќички за време на мојот менструален циклус, добив идеја за револуционерна иновација.
Во оној момент кога ја добив идејата дека оваа иновација ќе ми го реши проблемот во врска со естетскиот момент во деновите кога имам циклус, истовремено се роди уште едно спознание дека овие гаќички ќе имаат и повеќекратна намена и ќе ми ги реши и сите други проблеми кои се поврзани со деновите во месецот кога имам менструален циклус.
Прашање: Во изминатите години модната индустрија донесе многу новитети и иновации кога станува збор за женската долна облека. Кои се спецификите на Вашата иновација?
Одговор: Бев 100% сигурна во оваа идеја и во тоа дека ова е НОВ, РЕВОЛУЦИОНЕРЕН производ кој го доусоврши веќе постоечкиот модел на женски гаќички.
Накратко, за да ви ја опишам мојата идеја, олниот дел од гаќичките каде ја поставуваме хигиенската влошка е направен со дуло дно, кое во принцип секако постои на сите женски гаќички, но само кај FIXIE гаќичките е изработен така што горниот дел (каде што се поставува влошката) е потесен од долниот и овозможува крилцата совршено да се вметнат во џеб (формиран од горниот и долниот слој).
Бев сигурна дека е доволно револуционерен, дури и повеќе од многу други иновации во индустријата на женска долна облека и дека може слободно да застане рамо до рамо со иновации како танга, push up, градник за доилки и слични.

Водена од мислата на Ајнштајн дека фантазијата е побитна од знаењето, сфатив дека се роди FIXIE Period Panties – наизглед обични женски гаќички, но со едно ново, практично и уникатно решение кое замислете ви ги решава сите проблеми кои како жена ги имате кога сте во циклус.
По идејата, се разбира требаше да следи реализација на продуктот за што му се обратив на мој драг пријател кој поседува фабрика за изработка на долна, интимна облека и кој ми излезе во пресрет и ми го изработи првиот модел според мојата замисла.
Остануваше само да се проба за да се уверам дека функционира.
Дали можете да го замислите мојот восхит, воодушевување и вресок од среќа кога сфатив колку оваа иновација моќно делува и во пракса!
Сѐ беше уредно, крилцата од влошката повеќе не се гледаа, удобноста и комфорот ми беа на највисоко ниво, а кога зачекорив сфатив дека влошката е буквално фиксирана и дека се останува на свое место, без да се помрдне.
Истиот момент помислив: Колку милиони спортистки на светов ќе им бидат благодарни на FIXIE гаќичките.

Следно се наметна прашањето – А сега што со овој производ?

Прашање: Кои се најголемите предизвици кои ги имавте како жена иноватор и претприемач и како се справувавте со нив?
Одговор: И како што и до тој момент се течеше спонтано, така спонтано се појави еден мој друг пријател кој ме посоветува дека овој пронајдок не треба да оди веднаш во производство, туку најнапред треба да се патентира и заштити.
По овој совет, чувствувајќи ја интуитивно сериозноста на овој производ, неговата длабока суштинска намена, знаев дека во раце имам продукт на кој морам да му дадам сѐ најдобро од себе за негов понатамошен развој и лансирање.
Така се случи да стапам во контакт со еден од најдобрите адвокати за патентно право на Балканот кој живее и работи во Скопје, Г-дин Валентино Пепељуговски и заедно да тргнеме во оваа авантура.
Поднесовме PST пријава со која добивме предност во наредните 18 месеци над патентот за производот на светско ниво.
Во тие 18 месеци знаев дека имам неколку опции: или да ги комерцијализирам и да подигнам сопствен бренд или да ги продадам под лиценца или пак да го продадам патентот за иновацијата.
Првото беше скапа инвестиција, третото не би го направила никогаш во животот бидејќи го чувствував овој производ како дел од себе и затоа одлуката падна на тоа да ја продадам лиценцата на некоја од светски реномираните компании за долна облека.
Верувале или не веќе со првиот деловен разговор лиценцата беше продадена!
Реномираната LISCA – словенска компанија за долна облека, одлично позната на нашите простори, ја откупи лиценцата.
Преговорите траеа околу 6 месеци кога и го потпишавме договорот. Во тие 6 месеци беа направени сите потребни истражувања и тестирања од страна на LISCA во однос на иновацијата и секако сите резултати беа одлични.
По неколку години успешна соработка со LISCA, сепак посакав да си ги вратам гаќичките и да подигнам сопствен бренд. Така нашата деловна соработка со LISCA заврши коректно и фер.
И секако ќе ми дозволите и малку да се пофалам ☺
FIXIE гаќичките добија и многу награди на светските саеми за иновации:
– Бронзен медал на Светскиот Саем за Иновации во Сеул – Јужна Кореа
– Сребрен медал на Институтот „Никола Тесла“ во Белград
– Бронзен медал од Светска Асоцијација на Доктори во Полска
Златен медал на Макинова
И мојата најдрагоцена награда се наоѓа на дваесет страници во учебникот ПАТЕНТНО ПРАВО, каде што учениците учат по мојот пример.

Со самите овие признанија, јас љубам да кажам: FIXIE гаќичките се со жиг – ПОТРЕБА!

Прашање: Која е Вашата порака до сите девојки и жени кои се колебаат да отпочнат сопствен бизнис?
Одговор: Како поттик за сите идни жени-иноватори денес можам да се пофалам дека можеби сѐ уште сум единствена жена во Македонија која продала лиценца за патентиран производ и да знаат дека сѐ е можно!

Прашање: За кого се наменети и која е подлабоката порака која сакате да ја пренесете?
Одговор: Во еуфорична желба да што поскоро го подигнам својот бренд, се роди DON’T TOUCH, IT’S INTIMATE! (Не пипај, интимно е!)
Под ова име гаќичките кратко беа пласирани во Македонија, додека не се појави мојата добра пријателка Јелена Арсовска, тогашна директорка на една од водечките маркетинг агенции во светот – McCANN и веднаш ми посочи дека името и пакувањето не се добри бидејќи никој не знае што точно има внаtре и ме посоветува да направиме целосно ребрендирање.
Бидејќи безрезервно и верував на Јелена, комплетно се препуштив на професионализмот на оваа маркетинг агенција.
Следуваше најслаткиот дел за мојата иновација и конечно на пазарот СЕ РОДИ FIXIE PERIOD PANTIES.
Покрај продажбата, која што бизнисот го интересира, овој производ има пред сѐ и своја социјална и хумана цел базирана на 3 стола:
Разбивање на табуата за менструација
Комерцијализација на продуктот и
Осврт на менструалната сиромаштија како една од најсензитивните теми на денешницата

Овие три столба создадоа една глобална слика и вистински пристап кон овој продукт со сите компоненти кои ги заслужува.

FIXIE е мотивација и едукација за сите жени. FIXIE има мисија отворено да зборуваме за репродуктивното здравје и да ги скршиме табуата на тема менструација, како во Македонија, така и низ целиот свет.
Во ера каде што сѐ повеќе се слуша и зборува за моќта и еднаквоста на жените, сѐ уште постојат одредени табу теми за кои се зборува (или воопшто не се зборува) зад затворени врати.
Секоја жена во историјата на човештвото, има или барем имала менструација што е нормално и совршено природен процес како што се јадењето, спиењето и тн.
Едноставно, менструацијата е во нашата биолошка природа и не постои апсолутно ништо срамно во тоа, а при тоа е и прекрасен процес: БИДЕЈЌИ БЕЗ ОВА НЕ БИ ПОСТОЕЛ ЧОВЕЧКИОТ РОД!
Но, сепак повеќето од нас, па дури и жените не сакаат и се срамат да зборуваат за менструацијата.
Жените ги кријат влошките и другите менструално хигиенски средства во ракав додека одат накај тоалетот, шепотат кога бараат влошка на заем, ги кријат влошките помеѓу другите производи во маркетот, а за менстрауцијата често зборуваат и во шифри како: „оние денови“, „ми дојде тетка ми со црвена коса“ и сл.
За машкиот дел од популацијата да не зборуваме колку се засрамени и погрешно воспитани, кога треба да и купат влошки на жената кога е во тој најсензитивен период.
Но, време е да се скршат табуата, време е за вистински женски бренд кој пред се суштински ги разбира жените и кој ќе застане позади се ова да зборува гласно!

Со ова интервју, сакам да предизвикам внимание кај сите самосвесни, интелигентни, активни и современи жени и мажи да ни се придружат, да ја декриминализираме менструацијата.

Во иднина, FIXIE ќе има за цел сериозна борба против менструална сиромаштија, каде што ние ќе помогнеме на сте начини: со морална, финансиска и едукативна поддршка. Па дури ќе се обидеме да го смалиме и данокот на овие продукти кој изнесува 18%, за кој сметаме дека е превисок и дека треба да се намали или евентуално да не постои, бидејќи менструалните продукти се нужна потреба, а не луксуз.

Прашање: Кои се Вашите следни проекти?
Одговор: Развојната линија на FIXIE ќе биде во спорт модел, елегант, модел за тинејџери, секси модел и секако костим за капење каде што дамите слободно ќе можат да се движат на плажа без да мораат да се врзуваат со марами или да носат шорцеви. Новата развојна линија је дизајнираше нашиот неприкосновено најдобар дизајнер за долна облека, Игор Пачемски, докажан на светските пазари, со своја два бренда Nobless Oblige, i Yes Master, и поранешен креативен директор за Ralph Louren, на секторот за костими за капење.

Др. Татјана Гуржанова од секогаш е на страна на влошките како производ за менструално-хигиенското здравје на жените, со силна препорака за FIXIE гаќичките, како најдобар можен избор.
Затоа, ќе ви откријам и мала тајна, со Др. Гуржанова имаме и заеднички производ кој наскоро ќе биде лансиран на пазарот – производ за жени родилки со иновативно решение кое во голема мера ќе им ги олесни деновите после породувањето.
За крај, би сакала да ја искористам оваа прилика и да ја најавам новата кампања на FIXIE за родители:
Зборувајте со Вашите ќерки за репродуктивното здравје на жената
Зошто првата менструација на Вашата ќерка да не пристигне во облик на слатко, девојчинско, розево пакување во придружба на едно големо чоколадо?
За вас го подготвиме FIXIE пакетот полн со инзнадувања за Вашето девојче и нека менструацијата стане асоцијација за почеток на една убава ера – ера во која се раѓа ЖЕНАТА!

Пишува: Катерина Златановска Попова – Советник за развој на кариера