Германската компанија „Дермалог“ склучувала договори без тендер за испорака на биометриска опрема, како апарати за отпечатоци од прсти, а весникот „Велт“ како спорна ја споменува и набавката за локалните избори во Македонија, пренесе „Дојче Веле на македонски“.

Иако во Македонија имало тендер, „Велт“ пишува дека „Дермалог“ го добила договорот под чудни околности.

„Последниот договор кој го добила фирмата во С. Македонија исто така привлече внимание. Овојпат, имаше конкурентска тендерска постапка. Но, комисијата за набавки одбила неколку конкуренти уште на стартот затоа што, наводно, не ги исполнувале условите на тендерот. На 11 август, надлежните му одобрија на Дермалог да ја достави биометриската технологија. Вредноста на договорот е речиси 11 милиони евра“, се вели во текстот на германскиот весник.

Според „Велт“, Македонија била предупредена од Мухамед Наим Аџубсада, поранешен шеф на Изборната комисија на парламентарните избори во Авганистан.

Во Авганистан, резултатите од претседателските избори во 2019 година доцнеле пет месеци поради проблеми со системот на биометриска идентификација, па Аџубсада тврди за „Велт“ дека ја предупредил и владата во Македонија за конфузијата што се случила во неговата земја, но не бил послушан.

Во Македонија вчера пристигна серверот за терминалите за отпечатоци од прсти кои ќе се користат на претстојни локални избори.