Од 1 септември кризна состојба за елетричната енергија ?

Одлука за прогласување на кризна состојба за електричната и топлинската енергија која ќе важи од 1 септември се очекува денеска да донесе Владата.

Од почетокот на септември стапуваат на сила и мерките за штедење на електрична енергија кои ќе важат до крајот на март следната година.

Надлежните институции уверуваат дека струја ќе има во престојниот зимски период и дека рестрикциите не се опција ако се оди според планот на Електростопанство.

Компанијата работи со максимален капацитет и во функција ќе бидат ставени сите расположливи капацитети.

Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна изјави дека се разговара и со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар.

Во очекување на престојната зима, за која оценките се дека ќе биде најтешка во последните 70 години, Владата на 16 август донесе пакет мерки за штедење на електрична енергија кои треба да стапат на сила од 1 септември.

За граѓаните и стопанството ќе бидат само препорака, а за државните институции задолжение, кое ако но се исполнува, ќе продуцира и казни.

Во пакетот мерки за штедење има и препораки до граѓаните и компаниите. Со пакетот мерки за штедење се очекува заштедите да бидат до 15 проценти.