Во детската болница во Козле се хоспитализираат се повеќе деца заразени со коронавирусот, а пет од нив се на кислородна поддршка, објави Сител.

Од 20 кои лежат во болничките соби дури 15 се школски деца.

Педијатрите предупредуваат дека овој бран е многу посериозен од претходните и бројот на приеми и прегледи е зголемен со стартот на учебната година.

„Моето мислење како педијатар иако тоа го делат и моите колеги од болницата е дека ќе имаме зголемување на бројот. Сега сè уште е сонце и децата се надвор, но кога ќе бидат затворени прозорците во училиштата тогаш ќе има зголемен број“, вели др. Мими Поповска, педијатар во детската болница во Козле.

Во болницата минатиот месец имале дури 2.000 прегледи од кои 214 деца биле со ковид-19.

Од Институтот за јавно здравје велат дека од први до 14 септември со ковид 19 регистрирале 937 деца од 0 до 19 години. Бројките покажуваат дека повеќе од 80 проценти се ученици во основните и средни училишта, објави Плусинфо.