360 степени
МАКЕДОНИЈА
СТОРИЈА
ДЕБАТА
САБОТАЖА
ЗА НАС
Барај
ПРИЈАВИ СЛУЧАЈ
МАКЕДОНИЈА
Од 1 декември ќе нема пелети – Диструбутерите се налутија поради ограничувањето на цените и се заканија
360степени | 10 ноември, 2022 15:10
Доколку цената е 23 денари, ние ја повикуваме Владата да изврши набавка на пелети по таа цена, да ни ја одреди маржата по која да заработуваме, да ни ги достави, а ние оперативно ќе ги сработиме до граѓаните по цена којашто тие ќе ја утврдат, рече Стојановски од „Биомак Енерџи“
Преку 80 проценти од потребите за пелети ги обезбедуваме од увоз, а со мерката што ја донесе Владата, цената на пелетите е ограничена на пониско ниво од влезните цени. Решението кое ние го нудиме е да се врати претходната мерка, а тоа е ограничување на маржата на 10 проценти, вели претседателот на Националното здружение на производители и дистрибутери на продукти од биомаса „Биомак Енерџи“, Владимир Стојановски. Според него, доколку остане во сила сегашната мерка, од 1 декември нема да има нови количества на пелети на пазарот.
Тој нагласи дека во услови кога Владата го субвенционира градското парно со 18 милиони евра, тие побарале субвенции од државата за граѓаните кои се греат на пелети и огревно дрво, но досега не добиле одговор.
„Владата донесе мерка со која ја ограничи цената на пелетите во апсолутна вредност, а имаме ситуација во којашто од земјите од каде што вршиме увоз имаме повисоки влезни цени. Во една таква ситуација, крајниот резултат би бил ние да бидеме приморани, додека тоа не се смени, да не вршиме увоз, од едноставна причина што не можеме да продаваме со загуба. Крајниот резултат исто така би бил недостиг на пелети. Ние како здружение ја повикуваме Владата да најдеме заедничко решение за да има пелети на пазарот и економските оператори да ја остваруваат својата цел, а тоа е да функционираат, увезуваат, дистрибуираат и продаваат на крајните потрошувачи“,
изјави Стојановски на денешната прес-конференција.
Тој информираше дека главните пазари од каде што се увезуваат пелетите се Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија, но, како што нагласи, во моментов Србија и БиХ вовеле забрана за извоз, Црна Гора воспоставила квоти и дозволи за секој камион посебно со што извозната процедура се отежнува, додека Бугарија нема доволни количества на пелети за извоз.
Единствен избор за увоз на пелети во последните пет до шест месеци е Турција, но како што информираше Стојановски, и таму цените се високи затоа што, пазарните цени и услови ги диктира Германија.
Тој додаде дека има побарувачка од страна на граѓаните, но ако сегашната мерка остане во сила тоа ќе биде неодржливо и нефункционално во пракса.
Решението кое тие го нудат е да се врати претходната мерка, а тоа е ограничување на маржата на 10 проценти.
„На тој начин се постигнуваат два ефекти. Владата со 10 проценти маржа ги штити граѓаните да нема прекумерна заработка на увезената стока, а во исто време дава можност да работиме. Затоа што ние не можеме да знаеме во наредните три месеци како ќе се движат пазарите од каде што увезуваме“,
посочи Стојановски.
На прашањето за висината на моменталните цени, тој информираше дека во 2021 година во земјава се потрошени 120 илјади тони пелети, од кои 95 илјади од увоз, а останатите 25 илјади се од домашно производство.
„Во моментов влезната цена од Турција се движи меѓу 27,5 до 30-31 денар по килограм, а Владата кажува дека треба да продаваме по 27 денари. По тие цени ние не можеме да продаваме. Веќе има количини влезени по тие цени, значи оттука натаму увозот што ќе се врши е по повисоки цени од продажната и ние сме во апсурдна ситуација во којашто не можеме да функционираме. Крајниот резултат за жал ќе биде дека за многу брзо време ќе нема пелети на пазарот“,
одговори Стојановски.
Околу тврдењата на Пазарниот инспекторат дека увозниците чуваат залихи купени по пониски цени, за нивно препродавање по повисоки во нареден период, Стојановски одговори дека бројката што ја спомнал Инспекторатот изнесува 4 500 тона, којашто е само четири проценти во споредба со вкупната потрошувачка на 131 трговец во цела држава, што изнесува околу 120 илјади тона и дека тоа е сосема мало количество, што обично на лагер го имаат еден до двајца трговци.
Во однос на залихите, Стојановски информираше дека, иако сега е сезоната, набавката на пелети почнува дури од мај и дека се купува во текот на сите месеци и не е нешто што се чува. Освен тоа, околу ова прашање, тој рече дека количествата за набавка се лимитирани и не можат предвремено да се набават прекумерно поголеми количини.
„Доколку не се најде решение со Владата, според неформалните податоци за две недели или од 1 декември Македонија нема да има нови количества на пелети“,
предупреди претседателот на „Биомак Енерџи“.
Владата донесе одлука да ја замрзне цената на пелетите на 27 000 денари за тон согласно предлогот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Министерството за економија, информираше денеска ресорниот министер Крешник Бектеши. Продажната цена по килограм пелети во земјава е околу 30 до 36 денари, а со замрзнувањето ќе биде 27 денари за килограм.
Извор:360степени.мк