Обвинителството молчи додека Мицкоски објавува криминал во владина фирма

Со објаснување:,,Како се пљачка Македонија, граѓаните и ЕЛЕМ, денешно ЕСМ!!!”, Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски продолжува да објавува криминал во Електростопанство на Македонија кое е под контрола на владата на СДСМ.

Мицкоски во денешната објава открива каква е врската помеѓу ЕЛЕМ/ЕСМ, албанската државна енергетска компанија КЕШ, компанијата ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје (според Мицкоски омилен купец на вишоците на струја на ЕЛЕМ/ЕСМ) и компанијата од Тирана ЕНЕРТРЕЈД?

Иако тој тврди дека заедничкиот именител што ги поврзува сите овие субјекти е корупција и штета на граѓаните на Македонија, Јавното обвинителство молчи и не презема ништо.

Директорот на ЕСМ го бира владата на предлог на премиерот.

,,Имено, ЕСМ/ЕЛЕМ распишува оглас за продажба на ноќни вишоци на струја за периодот од 30 август до 6 септември, од 2 до 7 часот во вкупна количина од 2000 MWh (слика 1). Албанската државна енергетска компанија КЕШ исто така распишува оглас но за набавка на струја за периодот од 29 август до 4 септември по сличен профил како тој на ЕЛЕМ/ЕСМ во вкупна количина од 2100 MWh (слика 2).

Цената по која ноќни вишоци се продадени на компанијата ЕТМТ енерџи дооел Скопје е 337 €/MWh (слика 1), а цената по која албанската државна енергетска компанија КЕШ ја купува струјата по сличниот профил е 525,55 €/MWh (слика 3).

Доколку во цената се вкалкулираат и меѓуграничните капацитети за август и септември од Македонија во Косово и од Косово за Албанија, кои во вкупна вредност за август изнесуваат 9,17 €/MWh, а во септември изнесуваат 15,65 €/MWh, тогаш вкупниот трошок за струјата купена во Македонија со вклучени меѓуграничните капацитети и банкарски трошоци (1%) за периодот од 30 август до 4 септември и профил од 2 до 6 часот, изнесуваат околу 350.000€, а истата таа струја во Албанија се продава за 525.550€. Разликата во цената на струјата купена во Македонија, пренесена во Албанија и продадена таму е околу 10.800.000 денари.

Дали компанијата купец на вишоците на ЕЛЕМ/ЕСМ, ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје е поврзана со компанијата, ЕНЕРТРЕЈД од Тирана, Албанија која е најбрзорастечка компанија на пазарот на трговија и снабдување со струја во Албанија и со свои претставништва во регионот како и во Словенија и Унгарија (слика 4)? Одговорот е ДА, преку лицето Артур Мицкај кој е сопственик на 50% од ЕНЕРТРЕЈД Албанија, но и на 50% од ЕТМТ Тирана, Албанија.

Заклучок: Македонија, граѓаните и ЕЛЕМ/ЕСМ за само 20 часа се оштетени за близу 10.800.000 денари и наместо вишоците да бидат понудени на стопанството кое плаќа според HUPX струја и грчевито се бори да опстане и да ги задржи работниците, парите се крадат и завршуваат во приватни џебови”, открива Мицкоски кој ги користи хаштазите:

#ДоаѓаКрајот
#ОдговорностЌеИма
#ВиВетувам