Скопското обвинителство денеска му одговори на техничкиот министер за полиција, Наќе Чулев, кој кон крајот на мај обвини дека Агенцијата за национална безбедност, поранешна УБК има пристап до разговорите кои се следат. Чулев поднесе и писмено известување до обвинителството со сомнеж дека во безбедносните служби има злоупотреби.

По проверките, Обвинителите не пронашле несовесно работење и злоупотреба на службената положба во АНБ и ОТА.

„Од анализата на писменото известување, како и на доставените одговори и податоци, произлезе дека реформата на безбедносниот систем, основањето и функционирањето на ОТА и на АНБ, како и начинот на извршување на нивните надлежности, претставуваат системски прашања и од кривично-правен аспект не постои основ за постапување“, велат од Обвинителството.

Техничкиот министер за внатрешни, Наќе Чулев на 28 – ми мај на прес конференција обвини дека новата Агенција за безбедност се уште има увид во прислушуваните разговори кои ги снима Оперативно техничката агенција.