Сите се свесни дека промени во обазованието се нужни, потребни и неопходни. Вистинските прашања се од каде да се почне и како да се почне?

Како советник за развој на кариера имам можност да разговарам со многу млади луѓе, да соработувам со компании и да обучувам наставници. Воедно, работата на кариерните советници подразбира да се следат трендовите, потребите на пазарот на трудот и иднината на професиите. Да, токму така, неопходно е да ја видиме иднината, за да можеме да зборуваме за потребните промени во образованието сега! А иднината во образованието поддразбира целосна промена во насока на виртуелна реалност во училниците, применливи вештини и поттикнување на иновативноста.

Според моето лично мислење, училиштата треба целосно да се реорганизираат, да се прилагодат и реновираат. Ајде да почнеме прво од целосното опремување на училиштата, обезбедување на сите потребни материјали и средства и вистински услови за работа.

Следниот чекор би требало да биде силна поддршка на наставниците во форма на обуки и тренинзи затоа што улогата на наставниците треба да порасне во едукатор и ментор, некој кој ќе ги води учениците низ откривање на нивните интереси, развивање на вештини како што се креативно и критичко размислување, решавање на проблеми, емоционална интелигенција и т.н. На овие млади генерации не им е потребни учење и меморирање на факти, до нив лесно стигнуваат со помош на технологијата која им е постојано достапна, но затоа им е потребно да учат како да ја комбинираат технологијата со вештини за одгледување на храна, како да управуваат со финансии, како да размислуваат претприемачки и како со епматија да пристапат кон решавање на општествените потреби.

Неопходно е напуштање на рамките од распоред на часови, предолгата листа на предмети за кои децата немаат никаков интерес и не можат да најдат применливост и задолжителен фокус на поттикнување на интересите на младите и градење на нивните животни вештини.

Програмите и курикулумите ќе биде неопходно целосно да се изменат во насока на потребите на бизнисот, на различните индустрии кои ќе доминираат во следните 10-тина години и кои ќе очекуваат младите генерации да бидат „потковани„ со вештини. Неопходна е промена во видот на образовни програми, можност за континуирана обука кај работодавач за време на учењето и студирањето, можност за работа на реални проекти, практична примена на стекнатите знаења и можност за креирање на кариерен план кој би им овозможил на младите јасна насока и цел. Средните училишта и факултетите во најкус рок ќе треба да направат прилагодувања за да одговорат на овие очекувања.

А што е со младите, со учениците и студентите? Тие засега целосно демотивирани се оставени на чекање нашиот образовен систем да влезе во 21 век!

Катерина Златановска Попова