Министрите на екс-премиерот Зоран Заев веќе ги испразнија кабинетите, а секој со своја објава на Фејсбук се збогува и напиша за постигнатото – пишува Фактор.мк.

Единствено сега веќе поранешниот вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димиров крена поголема „прашина“ нагласувајќи дека самоиницијативно не си заминува, дека интересите да замине се големи, и дома и кај соседот.

-Но, мојот влог за да останам е уште поголем. Ви ветувам отворање на еден непријатен општествен разговор за суштински промени на самиот систем. Ќе нè биде, па што сака нека биде!

Поранешната министерка за образование Мила Царовска се заблагодари на тимот, нагласувајќи дека покажале дека државата може подобро.

Од ресорот труд и социјала од каде што заминува Јагода Шахпаска, на страницата на Фејсбук стои подолг пост со детално објаснување за сработеното во изминатиот период.

Екс-министерката за одбрана, Радмила Шекеринска која за нејзиниот придонес во ресорот како признание го доби американското знаме на свечена церемонија, во објавата на Фејсбук напиша за поставените стандарди.

Нема објава за збогум од министерот за здравство Венко Филипче, единствено од неговиот Кабинет порака пред заминување напиша портпаролката Кети Гетева.