Бугарија продолжува да го проблематизира македонскиот јазик: го блокира и договорот за „Фронтекс“, поради јазичната клаузула и македонскиот јазик, барајќи да стои формулацијата ‘јазиците на страните – потписнички“, значи воопшто да не се споменува македонскиот јазик. „Референците за македонскиот јазик се единствената пречка за потпишувањето на договорот со Фронтекс.“ – велат од Европската комисија. Од друга страна, во интервју за БИБИСИ, потпретседателот на Владата на Република Македонија за евроинтеграции Никола Димитров посочува: „Во Европа на 21. век прашањето за јазикот на кој зборуваме, односно за мајчиниот јазик за етничките Македонци во с.Македонија е прашање за луѓето во земјата, а не прашање на друга земја, ниту прашање на некоја меѓународна организација. Не е пријателски да го доведувате во прашање јазикот на вашиот сосед, Решението на спорот со Бугарија мора да биде европско.“

Се чини, оспорувањето на македонскиот јазик наближува кон кулминацијата и оттука сметаме дека е веќе крајно време да се сосечат сите вакви загрозувања во самиот корен. Мора да се прекине со сите, какви било да се преговори со Бугарија, од кои произлегуваат негирањата на македонскиот јазик, македонската нација, на нејзината историја и идентитет. Ништо не е толку вредно, за да се жртвува сопствениот македонски јазик и сопствената македонска етничка самосвест заради, во конкретниот случај, магливата и сосема неизвесна европска перспектива.

Димитров не е во право: решението на спорот со Бугарија не може да биде европско, туку само македонско и никакво поинакво. Но, контрапродуктивни и непотребни се и расправиите со Бугарија. Македонците треба да го остават Бугарите нив самите со нивните заблуди и соништа и да си ги гледаат своите македонски национални и државни интереси и политики, да побараат други, алтернативни патишта за развој на државата, за остварување на потребите и стремежите на македонскиот народ и на сите граѓани на Македонија.

Во овој контекст и следното прашање: зошто оваа Влада и македонските политичари им ги покажуваат „мускулите“ само на Бугарите, а молчат пред Грците, пред грчката политика? Зошто не се бранат вака „принципиелно“ јазикот, идентитетот и историјата и наспрема „Преспанскиот договор“ и Грција? Оти, мора да се има предвид дека изворот на сите проблеми во поглед на оспорувањето на македонскиот јазик, идентитет, историја и државност на македонскиот народ е всушност и најпрвин „Преспанскиот договор“. Бугарските политичари и бугарската држава само се надоврзуваат кон она што го прават грчките политичари и грчката држава. „Договорот за добрососедство со Бугарија“ е втората фаза од спроведувањето на една иста цел. Договорот со Грција и Договорот со Бугарија се „двајца браќа“, кои се прават соседот – Македонецот да го снема, за да се избришат конечно трагите од „Букурешкиот договор“ од 1913 година.

Но, да се навратиме на темата на оваа колумна – напорите за обезименување на македонскиот јазик. Пред седумдесеттина години, во согласност со тогашните внатрешни и меѓународни интереси на грчката држава, Генералштабот на грчката армија побарал од Филипос Драгумис, да го прекрсти македонскиот јазик, да најде друго име за него. Драгумис бил голем познавач на македонското прашање, четирипати пратеник од Леринско-Костурско (1920 – 1935 година), поранешен гувернер за Македонија (1932-1934) и министер за одбрана (1945 – 1947 година). Според дотогашните прописи, јазикот на Македонците во 1920 година се нарекувал македонски, во 1928 година македонско-словенски, и во 1940 година – словенски.

Иницијативата за преименување на македонскиот јазик, кој го говори домородното македонско население во Егејска Македонија, потекнала од Министерството за надворешни работи, кое „ја признавало штетноста од употребата на терминот ‘славомакедонски јазик’ и ‘славомакедонска националност’ и побарало тој термин да се отфрли“. Се барал „термин за одредување на јазичниот словенски идиом на населението“. Драгумис составил „Меморандум“ со наслов „За пограничното бугарофонско население“, во кој Македонците во Егејска Македонија ги означил како „бугарофони – Грци“, а за нивниот македонски јазик напишал дека „не се работи за посебен јазик, ниту за бугарски дијалект, туку за самиот бугарски јазик со некои лексички разлики.“ Но, овој „Меморандум“ со своите „иновативни предлози“ практично пропаднал, бидејќи ниту грчките комунисти во тоа време не престанале да го користат изразот „Славомакедонци“, но и самите Македонци давале постојан и активен отпор на секој обид за нивно однародување и за погрчување. Својот македонски јазик го говореле и го бранеле на секој начин.

По „специјалната мерка“ на грчката држава, безуспешно применета по Втората светска војна да се избрише одредницата „македонски“ пред јазикот на Егејските Македонци во Грција, денес пред крајот на оваа 2021 година посега и бугарската држава, злоупотребувајќи го своето членство во Европската Унија и правото на вето. Веројатно е дека и Бугарија нема да успее да го обезимени македонскиот јазик, да го преименува како „јазик на страна – потписничка на договор“. Бидејќи, и македонскиот народ во Република Македонија жестоко се спротивставува на такво кршење на сите можни европски и други резолуции и други меѓународни акти, кои на секој народ му го гарантираат правото да си го користи својот мајчин јазик таков каков што е и тој јазик да има меѓународна признатост и почитување без преименувања.

Обезименувањето на еден јазик е дел од од етапите на неговото постапно исчезнување. Американскиот социолингвист Џошуа Фишман укажува на една драматичните последици од можната загуба на јазикот за кој било народ, кој нема да има „позитивна етнолингвистичка свест за него“, значи кој нема да си го брани својот мајчин јазик: „Во таков случај тој народ ќе ја загуби метафората, свеста за јазикот дека е неговата душа. Јазикот е умот и духот на народот. … Со тоа се подразбира нешто длабоко свето, а тоа е она што би се изгубило. Преку јазикот сме поврзани со други. Тоа скапоцено чувство на заедништво не треба да се загуби, баш како и чувството на светоста.“ (Џошуа Фишман: „Што губите кога ќе го загубите својот јазик?“, 1994).

Со други зборови, нема ништо посвето за македонскиот народ од неговиот македонски јазик, таа тестаментална лингвистичка поврзница со претците од минатото и со потомците во иднината.

Крсте Мисирков 91 година пред Фишман го запишал во ‘За македонцките работи’ следново предупредување, секако, мислејќи првенствено на македонскиот јазик: „…iеден народ, коi шчо изгубил своiот iазик, мiасат на iеден чоек, коi шчо изгубил патот и не знаiит каi идит и каi одит, и коi шчо не знаiит, зашчо одит вамо а не онамо или тамо. Колко во по скоро време iеден народ изменуат своiот iазик, толко по опасно и отчаiано iет негоото положеiн’е.“ Ако се потклекне пред нападите врз сопствениот јазик, ако тој не се брани со сите дипломатски, политички, научни и други средства, тогаш македонскиот народ и навистина ќе се најде во опасна и очајна позиција.