Обезбедување на МПЦ насилно со новинари на Водици, новинарка заврши во болница

Тројца новинари на Канал 5, ТВ Сонце и Алфа ТВ денеска беа грубо третирани од агенцијата за обезбедување Никоб за време на фрлањето на крстот за Водици во Скопје.

Во скандалот во кој имаше влечење, буткање и пцости кон новинарските екипи во еден момент новинарите и снимателите беа насилно спречени да земат изјава од момчето кое го фати крстот, а притоа кон нив беа упатувани навредливи зборови и пцости.

Најдебелиот крај според нејзината телевизија го извлече новинарката на Канал 5 Мирјана Мирчевска Јовановиќ, која од страна на вработените во агенцијата за обезбедување „Никоб“, ангажирани по наредба на Македонската православна црква како единствен организатор на настанот, беше брутално избуткана, навредувана и влечена, поради што заврши во градската болница со повреди на раката и вратот.

За оваа агресија, на ден кој треба да е духовен празник, Канал 5 телевизија ќе поднесе пријава до јавното обвинителство и полицијата.

Истовремено Канал 5 се прашува, како е можно МПЦ да дозволи, на настан организиран од нејзина страна, да се случуваат вакви напади врз новинарски екипи?

Изјавата на новинарката Мирјана Мирчевска која ја дала од градската болница.