Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска вели дека има ситуации во кои одредено работно место фигурира како слободно, а кога ќе се јават невработени им се соопшува дека тоа е веќе пополнето.

„Во принцип имаме објавено работно место, а работодавачот веќе го има пронајдено лицето кое ќе го вработи, така што невработените лица кога ќе се јават на огласот работодавачот им вели дека веќе е направен избор и невработеното лице веќе ја губи довербата во нашата институција, вели Јовановска.

Работиме на тој проблем и сакаме да дојдеме до една вистинска слика за реални слободни работни места за да почне да се создава доверба меѓу сите чинители. Но, и сите треба да бидеме искрени, односно невработените лица да бидат искрени дали навистина сакаат Агенцијата да посредува за нивно вработување, потоа дали работодавачите навистина имаат потреба од работна сила, а и ние како институција да ги зајакнеме капацитетите да се посветиме максимално на посредувањето“, вели Јовановска.

Според последните податоци околу 190 илјади лица се евидентирани во Агенцијата за вработување како невработени, а половина од нив се пасивни баратели односно на секои шест месеци само се пријавуваат во Агенцијата.