Ново замрзнување на цените на прехранбените производи и најмалку 10% намалување, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

Мерките предложени на Владата имаат цел да го заштитат стандардот на граѓаните.

„Сите анализи покажуваат дека нема основ за зголемување на цените на основните прехранбени производи, и од страна на трговците и од страна на производителите, имајќи го во предвид намалувањето на цените на основните прехранбени производи на светските берзи, кои имаат голема разлика од цените што моментално се во нашата држава, вклучувајќи ги увозните цени и цените на суровини кога се прави споредба со она што било претходната година“ рече Бектеши.

Според него „сите завршни сметки, посебно на големите ланци на супермаркети, покажуваат дека тие немаат намалување на приходите, туку напротив имаат зголемување на приходите претходната година – година која беше најтешка година во делот на цените.

Министерството за економија до Владата достави предлог и за забрана на нудење на акциска и промотивна продажба од страна на сите ланци на трговци до 30-ти ноември“, рече Бектеши.

„Оваа одлука се носи, затоа што е забележано дека одредени ланци на супермаркети прават измама со можностите да направат акциска продажба, намалување или одредени кампањи. За да биде начисто и за потрошувачите и за граѓаните, оваа можност до 30 ноември нема да постои. И ќе се знае точно која е цената на одреден производ, а не да се калкулира дневно и неделно со тие цени и потрошувачите да се доведат во заблуда“, објасни министерот.