Во постапка со директни преговори без објавување на оглас, државната компанија АД ЕСМ склучила нови договори за изнајмување на механизација со 3 компании, од кои највреден е оној со „Марковски Компани“ која добила огромни 2 милиони евра.
Според официјално достапни информации државната компанија за производство на струја АД ЕСМ (ЕЛЕМ) спровела нова тендерска постапка по пат на директни преговори без претходно објавување на оглас за ангажирање на помошна механизација за ископ на јаглен во РЕК Битола.
Податоците од Бирото за јавни набавки, преку таканаречени рамковни спогодби, АД ЕСМ месецов склучила договори за ангажирање на помошна механизација со 3 компании, чија вкупна вредност изнесува над 230 милиони денари или околу 3,7 милиони евра.
ЕСМ тврди дека ситуацијата била итна и затоа морало да се оди на директни преговори без тендер.
Од државната компанија за производство на струја објаснуваат дека одлучиле да ја применат помалку транспарентната тендерска постапка со директни преговори без објавување на оглас, наместо вообичаената отворена постапка, поради крајна итност.
„Итноста од потребата за реализација на оваа набавка е во насока на одржување на стабилноста на производството на планирани количини јаглен, но и за сите дополнителни планови за производство на јаглен кои во моментот беа неопходни да се изработат со цел олеснување на енергетската криза во која се наоѓа нашата земја“, стои во образложението на компанијата.
Од таму тврдат дека енергетската криза, чиј максимум доправа се очекува, налага брзо да се реагира во поглед на снабдување на доволни количини на јаглен за работа на термоелектраните во РЕК Битола.
„Моменталната состојба со отежнати услови за реализација на потребните количини на јаглен поради недостатокот од бараната помошна механизација, а со тоа и обезбедување на потребните количини на електрична енергија во моменти на енергетска криза, бараат итна реакција…“, велат од ЕСМ.
Директор на ЕСМ Васко Ковачевски е кадар на СДСМ.
Компанијата која сега го добила највисокиот договор во вредност од над 1,9 милиони евра – „Марковски Компани“, на крајот на минатата година склучи уште еден договор со ЕСМ за изнајмување на механизација преку преговори без објавување на оглас во износ од 4,2 милиони евра.
Неколку дена претходно двете страни во иста постапка со преговори склучиле и рамковна спогодба по пат на директни преговори, врз основа на која е склучен договор за ископ на јаглен и технички решенија за заштита на копот во вредност од 19 милиони евра.
Како што веќе пишуваше Фокус, „Марковски Компани“ е во сопственост на Борче Марковски, кој своевремено се врати во земјава по неколкугодишен престој во Србија, а во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија.
Инаку, оваа фирма доживува подем во 2012 година, кога впрочем почнува да добива тендери. Непосредно пред политичките промени на средината на 2017 година, актуелниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски ја обвини фирмата дека е блиска до Сашо Мијалков.
Неделникот Фокус пишуваше дека „Марковски Компани“ продолжи да добива тендери од ЕСМ/ЕЛЕМ и по промената на власта и раководството на државната компанија за производство на струја, па дури во овој период го зголеми растот.