Нови инвестиции и вработувања: Алкалоид АД во првите три месеци од 2021

Во периодот јануари-март 2021 година
македонската компанија „Алкалоид АД“ оствари консолидирани продажби од 3,27 милијарди денари, отвори 58 нови работни места и спроведе инвестиции од над 178 милиони денари

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-март 2021, продажбите достигнуваат 2.406.134.466 денари, што е 4% помалку во споредба со истиот период лани. Вкупните консолидирани продажби изнесуваат 3.273.226.394 денари, што е пад од 3%, објави компанијата.

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 14%, а вкупниот консолидиран извоз е намален за 9%. Од вкупните консолидирани продажби, 33% се остварени на домашен пазар, а 67% на странските пазари, од што 34% во земјите од Југоисточна Европа, 22%, во земјите од Западна Европа, а 10% во Русија и во другите земји од ЗНД.

“Минималното намалување на продажбите во првиот квартал од 2021 се должи на подигнувањето на безбедносното ниво на залихи на лекови кај голем број наши клиенти, предизвикано од пандемијата на ковид-19.

Во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација – 88%, а сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12%.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 514.698.816 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека единечната нето-добивка изнесува 283.499.233 денари и е зголемена за 11%.

Консолидираната добивка пред ЕБИТДА достигна 606.551.018 денари и бележи раст од 12%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 346.686.179 денари е зголемена за 10%.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-март 2021 изнесуваат 178.821.567 денари”, се вели во информацијата објавена на веб сајтот на Алкалоид.

Во периодот јануари-март 2021, во „Алкалоид“ се реализирани 58 нови вработувања во Македонија. Групацијата „Алкалоид“ сега брои 2.430 вработени, од кои 570 се вработени во подружниците во странство.

Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 и важат за едни од најтргуваните и најликвидни. Цената на една акција во периодот јануари-март 2021 се движеше од 13.300 до 14.530 денари или просечно 13.917 денари, што е раст од 14,9% во споредба со истиот период од 2020. Пазарната капитализација на компанијата на 31 март изнесува 20,5 милијарди денари.