Нова заплена на злато на границата со Србија, сега на преминот Прешево одземен 0,5 кг скриен во „памперси“

Само еден ден откако Царинската управа на Македонија заплени 13,3 килограми злато и златен накит од автобус на граничниот премин Табановце, од српска страна на преминот Прешево тамошните цариници одзедоа половина килограм од возило што од Македонија се движело кон Швајцарија.

Двајца патници се обиделе во пелени „Памперс“ да прокриумчарат златен накит во вредност од 2,2 милиони српски денари или околу 18,8 илјади евра.

Речиси половина килограм златни ѓердани и алки за на рака со златници „Франц Јозеф“, како и ланчиња и прстени, пронајдени се во автомобил со швајцарски регистарски таблички, со кој патувала млада брачна двојка.

Тие на царинските службеници им рекле дека немаат ништо да пријават, а накитот е пронајден во неотворено пакување пелени „Памперс“ во торба под седиштето на совозачот.

Со оглед на тоа дека вредноста на откриениот накит надминува третина од вредноста на возилото, со судска одлука, покрај златото, трајно е одземен и автомобилот проценет на повеќе од милион динари (околу 8,5 илјади евра).