Соединетите Држави и Велика Британија извршија напади врз цели на Хутите во Јемен и тоа се први напади врз групата поддржана од Иран, откако таа почна да цели на меѓународни бродови во Црвеното Море кон крајот на минатата година.
Официјални лица открија дека нападите биле извршени со авиони, бродови и подморници, дека Австралија, Канада, Бахреин и Холандија дале поддршка за операцијата и дека повеќе од десетина локации биле цел.
Италија одби да учествува во американските и британските напади врз Хутите во Јемен, изјави владин извор, објаснувајќи дека Рим претпочита политика на „смирување“ во Црвеното Море.
Главниот град Сана, како и градовите Саада и Замар и провинцијата Ал-Худаида се само дел од целите на нападите, потврди претставник на Хутите, нарекувајќи ги тие напади „американско-ционистичко-британска агресија“.
Претходно во четвртокот, водачот на Хутите рече дека секој американски напад врз групата нема да остане без одговор.
Експерти предупредуваат дека силните воздушни и поморски напади на британските и американските сили против бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран, се пресметана ескалација чија цел е да ги одврати заканите во Црвеното Море, но сепак може да предизвика регионална војна.
Клучното прашање е како исламистичките милитанти во Јемен ќе одговорат на нападите, како и нивниот главен спонзор Техеран.
Секој голем контранапад може да ги турне западните сојузници во директна конфронтација со Иран, нешто што двете страни рекоа дека сакаат да го избегнат.
Реакција за новиот развој на настаните стигна од Анкара:
„САД и Обединетото Кралство се обидуваат да го претворат Црвеното Море во море од крв. Гледаме дека Хутите многу успешно се бранат од овие напади“, рече Ердоган, додавајќи дека ударите на западните сили се „несразмерна употреба на сила“.
BREAKING — Erdogan says US and UK strikes in Yemen targeting the Houthis are disproportionate uses of force.
“They are eager to turn the Red Sea into a bloodbath. We see that the Houthis are making very successful defenses against the strikes”
— Ragıp Soylu (@ragipsoylu) January 12, 2024
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека американскиот напад на територијата на Јемен е целосно кршење на меѓународното право.
„Американските воздушни напади врз Јемен се уште еден пример за англосаксонско искривување на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и целосно непочитување на меѓународното право во име на ескалација на ситуацијата во регионот за свои деструктивни цели“, рече таа.