Нова серија колумни за в затвор – пишува Горан Момироски

Кога во Македонија ќе измешате моќ, власт, партија, молк на антикорупционерите, клиентелизам, лудило и несвесност се добива неправда и пропадната држава.

Кога на тоа ќе додадете новинарски шмек се добива опасна смеса од чија експлозија страдаат (не)одговорни функционери.

Последниот пат кога пишував серија од три колумни, како последица, правдата во еден случај беше исправена а еден човек беше осуден на затворска казна.

По оваа планирана серија можеби веднаш нема никој да заврши во затвор но ми се чини дека ќе дојде време кога некој сериозно ќе одговара. Неправдата врз законот сигурно ќе биде исправена.

Главни јунаци во серијата се:

Вицепремиер за корупција и криминал и генерален секретар на владеачката партија

Директорка на една државна агенција

Раководителка на сектор во едно инволвирано министерство

Локален шериф на СДСМ во едно питорескно место во Македонија

Екс министер а сега заменик министер во владата на премиерот Заев

Претседателка на Антикорупциска комисија

Директор и лице овластено за издавање безбедносен сертификат во Агенцијата за национална безбедност

Делата за кои се зборува во серијата се кршење на закон, злоупотреба на службена должност, фалсификување на лични и службени документи, давање лажни податоци, создавање товар за буџетот на РМ и уште неколку други прекршоци.

Сакам да верувам дека веднаш по првиот текст од оваа колумнистичка серија прозваните ќе “си ја чукнат главата” и ќе ја исправат работата иако законот е веќе прекршен и одговорност, сега или подоцна, ќе мора да има.

Сакам да верувам дека луѓето што свесно згрешиле ќе си дадат оставки и ќе се пријават сами пред соодветните институции.

Едно од делата предвидува казна од 3 месеци до 3 години затвор.

Ако на оваа прва колумна нема никаква реакција тоа ќе значи дека или луѓето се решени да го кршат законот по секоја цена или дека не им текнува каде го кршат законот, што од друга страна укажува дека вакви случаи има повеќе.

Бидете така…

П. С.

Единствена што нема морално право директно да ме бара за документација за овој навидум мал случај кој покажува како пропаѓа Македонија, е шефицата на Антикорупциската комисија која што кога лани бев да ја посетам во седиштето на ДКСК ме гледаше во очи и мислеше дека може да ме манипулира. Со неа можам да комуницирам само преку службена коресподенција.

Сите други посочени можат да ми се јават за дополнителни информации, но само ако сакаат да го санкционираат незаконското работење. Ако ме бараат за да манипулираат нека не си го трошат времето.