На бугарските пруги почна да сообраќа нова локомотива именувана по – Цар Самоил.

Такво име ѝ дадоа на една од четирите нови локомотиви што ги добија Бугарските државни железници (БДЖ) од производителот „Сименс трон“.

Другите три се крстени по кнезот Борис Први и по царевите Симеон Велики и Петар Први.

Секоја од локомотивите има специфичен QR-код, при чие скенирање преку мобилен уред се појавуваат информации за историјата на владетелот по кого е именувана.

Покрај тоа, на предниот дел на секој „Смарттрон“ е аплицирана буква од глаголицата, „што е своевиден начин за промовирање и зачувување на бугарските вредности и богата историја“, објаснуваат од БДЖ.

Цар Самоил е една од историските личности за која спорат македонскиот и бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања.

Глаголицата, пак, е првото словенско писмо создадено од Свети Кирил (Константин Филозоф) врз основа на солунските говори пред заминувањето во познатата Моравска мисија во 863 година со својот брат Свети Методиј.