Бранителите на Сашо Мијалков се обратија со писмо до Амбасадата на Израел за да ја информираат за определени работи кои се однесуваат на оваа држава, а кои биле наведени во решението за неговиот нов притвор кој му беше доделен експресно откако истиот ден Апелација го ослободи од притвор. Писмото е потпишано од адвокатите Звонко Давидовиќ, Петар Василевски, Љупчо Шврговски и од Миле Петровски.

Еве што содржи писмото:

„На ден 22.12.2021 година на господинот Сашо Мијалков му беше прифатена понудената гаранција од страна на Апелациониот суд Скопје и му се укина мерката притвор која му беше определена во судски предмет кој се води против него. Нема да Ве оптеретуваме со политичката позадина која стои зад ваквите судски предмети како средство на власта за пресметка со своите политички противници, но она со што мораме да Ве запознаеме дека името на Вашата држава беше употребено при кршењето на основните човекови права на нашиот клиент.

Имено, истиот ден кога беше донесено решението на Апелациониот суд, министерот за прaвда на Република Северна Македонија јавно ги прозва судиите кои ја прифатиле гаранцијата и побара ваквото решение да не се спроведе на ниту еден можен начин кршејќи го уставното начело на поделбата на власт и сериозно ја наруши независноста и самостојноста на судството. Како резултат на таквите повици и критики на министерот за правда, Основниот кривичен суд во Скопје, кој е понизок суд од Апелациониот суд, а по барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, експресно, само после четири часа, донесе ново решение со кое му определува притвор и покрај веќе постојната одлука на Апелациониот суд со која се прифаќа понудената гаранција и се укинува мерката притвор.

Сево ова сигурно не би Ве засегало, а и ние не би Ви се обратиле ако во еден дел од решението на Основниот кривичен суд, а истото стои и во барањето за определување на мерката притвор на обвинителството, не стои дека поради контактите на нашиот клиент Сашо Мијалков кој е бивш директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, со разузнавачките служби на Израел постои опасност од негово бегство. Понатаму во решението на Основниот кривичен суд се наведува дека токму ваквите контакти со разузнавачките служби на Вашата држава, Израел, му овозможуваат реално на Мијалков да побегне од државата без патна исправа во секое време инсинуирајќи дека Вашите разузнавачки служби тоа ќе го овозможат и ќе му пружат уточиште.

Длабоко почитувајќи ја Вашата држава и гаејќи симпатии и пријателство помеѓу нашите народи кои имаат и заедничка историја Ви се обраќаме со ова писмо пред сѐ да Ве информираме за ваквото тврдење на официјални судски и обвинителски институции со молба да реагирате на ваквото апсурдно тврдење пред сѐ поради вистината, правдата и основните човекови права на нашиот клиент да биде правично суден без измислици, лаги и конструкции кои се вперени и кон институциите на Вашата држава.“

Во прилог на писмото, адвокатите на Мијалков го доставиле и решението на Основниот кривичен суд Скопје.

Во решението на Основниот кривичен суд беше наведено дека постои опасност од бегство затоа што Мијалков е во контакт и блиски врски со разузнавачките служби на Израел, кои ќе му овозможат бегство во секој миг кога ќе посака без патна исправа и дека ќе му дадат засолниште.

Според адвокатот Звонко Давидовиќ, ваквото образложение е „апсурдно и претставува нешто што досега не е видено“.

– За такво нешто треба да се даде доказ. Ова е вторпат Обвинителството да постапува на таков начин. Се сеќавате кога Вилма (Русокоска) кажа дека има личен извор кој никако да го именува. Баш би сакале да го именува за да го провериме и тоа. Овој пат имаме име на држава која се спомнува и затоа одиме на овој начин да провериме и да и покажеме на јавноста на кое ниво е судството и со какви работи се служат и Обвинителството и Кривичниот совет на Основниот кривичен суд – рече Давидовиќ.

Тој нагласи дека очекуваат оти израелската Амбасада ќе ги провери овие информации, а потоа „ќе даде демант или ќе се обрати до јавноста“.

– Ние не очекуваме одговор, ние очекуваме да се заинтересира да ги провери овие факти и едноставно да постапи онака како што му налагаат неговите правила на служба – дали да даде демант, дали да се обрати до јавноста, тоа веќе зависи од нив. Но, во секој случај имаат право да бидат запознаени, а ние имаме право да побараме едноставно известување за целата состојба, а и да ја информираме Државата Израел со која имаме блиски пријателски односи и ваквото нешто навистина е недолично – истакна Давидовиќ.