Денеска Русија повторно истрела ракети во делови на Украина погодувајќи најмалку една инфраструктурна цел во Киев, на чија периферија одекнаа силни експлозии.
За цела Украина е издадено предупредување за воздушен напад, а украинските медиуми јавуваат за операција на противвоздушната одбрана во повеќе делови од земјата, но засега нема информации за жртви. Дописниците на Ројтерс во и околу Киев потврдија дека слушнале неколку силни експлозии.
Локалниот снабдувач со енергија објави дека во Киев започнале итни прекини на струјата.
„Ракети погодија еден од важните инфраструктурни објекти во главниот град. Останете во засолништа! Воздушната тревога е во сила“,
им порача на граѓаните градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, преку Телеграм.
Тој не прецизира која инфраструктурна единица е погодена. Руските сили сè повеќе ја гаѓаат украинската инфраструктура во последните неколку недели бидејќи се соочуваат со неуспеси на бојното поле по инвазијата на 24 февруари.
Западниот дел на украинскиот град Лавов е без струја поради новите руски напади.
Соседната земја Молдавија, исто така, извести за „масовни“ прекини на струја, иако не е директно погодена., пренесува Би-би-си.
Вицепремиерот на Молдавија, Андреј Спину, се огласи на Твитер:
„Масовно затемнување во Молдавија по денешниот руски напад врз енергетската инфраструктура на Украина“,
Поради руските напади, снабдувањето со електрична енергија на околу 10 милиони потрошувачи беше подолго време во прекин. Во исто време, националниот оператор на Украина, кој ја снабдува земјата со електрична енергија, денеска објави дека ќе мора да прибегне кон дополнителни прекини на струја низ целата земја.