Премиерот Зоран Заев уште еднаш беше сведок „на лице место“ на спортски пораз на Македонија, овојпат од Холандија со 3:0 во Амстердам во последното коло од групата Ц на Европското првенство 2020 во фудбал.

Како и на стартот против Австрија на Националната арена во Букурешт, Заев беше на трибините и на стадионот „Јохан Кројф“, но повторно не им донесе среќа на македонските фудбалери.

Претходно, претседателот на Владата сведочеше на неуспехот и на ракометната репрезентација во вториот круг во Вараждин на ЕП 2018 во Хрватска, и тоа откога првата фаза во Загреб ја заврши прва во конкуренција на Германија, Словенија и Црна Гора.

Заев не им се посреќи ниту на одбојкарите неодамна во Струмица на завршниот турнир од Европската сребрена лига, кога составот на Никола Матијашевиќ ни во своето четврто финале не го освои ова натпреварување.