Министерот за здравство Венко Филипче објави дека веќе е започната постапката на експлантација на срце и бубрези, а ноќва ќе започне и трансплантација.

“Доцна вечерва во 23 часот медицинските тимови од Клиниката за урологија и Клиниката за кардиохирургија ја започнаа експлантацијата на бубрези и срце од 44 годишна пациентка која попладнево е дијагностицирана со мозочна смрт.
Тројца пациенти се подготвуваат да ги примат органите. Постапката за трансплантација на срцето и бубрезите ќе започне после полноќ, по што ќе следи експлантацијата на коскени ткива.
Екипите за трансплантација од повеќе клиники работат веќе неколку часа на подготовка на донорот и реципиентите. Болничките координатори од КАРИЛ заедно со Министерството за здравство ја водат целата постапка. Инаку ова е трета трансплантација од јануари и петта во изминатава година.
Голема благодарност на семејството за несебичниот гест. Со нивната хуманост спасија три животи и подарија надеж за подобар живот на неколку пациенти кои се лекуваат на Клиниката за ортопедија” информираше Филипче.