Последните настани на бугарската политичка сцена говорат дека Софија веќе си наоѓа процедурално алиби пред меѓународните партнери за новата блокада на својот источен сосед, констатира Нова Македонија

„Имено, уште пред посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, како и на германскиот канцелар Олаф Шолц на Софија, коалицискиот партнер во Владата на премиерот Кирил Петков, Слави Трифонов, од партијата ‘Има таков народ’ најави дека тие ја напуштаат владината коалиција поради наводната подготвеност на бугарскиот премиер за кревање на ветото за Македонија, со што директно ги минираше мисиите и обидите на европските челници да ги убедат властите во Софија да овозможат почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.


Петков и самиот неодамна призна дека се подготвувал да го укине ветото за Македонија врз основа на предлози што му биле сугерирани од заинтересирани надворешни фактори, појаснувајќи дека министерката Генчовска и нејзиниот тим постигнале голем напредок во преговорите со земјава. Ваквите изјави на бугарскиот премиер на некој начин можат да се протолкуваат како еден вид негова подготвеност за одоброволување и соработка со европските партнери. Но соочен со внатрешните притисоци, тој бараше начини како ветото да остане, а тој и Бугарија да не ја сносат вината за повторната блокада и да не предизвика револт од Брисел.

Тука на сцена стапува шоуменот Слави Трифонов, веројатно во внатрекоалициски владин договор, одбирајќи специфичен момент да соопшти дека неговата партија Има таков народ ја напушта владината коалиција на нешто повеќе од десетина дена пред самитот на ЕУ, што упатува на едноставен заклучок дека станува збор за политичка игра искреирана од мудри стари искусни бугарски политичари, а спроведена од Трифонов, со единствена намера да се обезбеди алиби за Софија (и на премиерот Петков) пред Европа за уште едно бугарско вето за Македонија.

Повеќе од јасно е дека одлуката на бугарскиот шоумен за напуштање на владината коалиција најмногу му оди во прилог токму на Петков, прво затоа што пред европските челници јасно ќе може да каже дека во услови на малцинска влада и евидентна владина криза нема мандат сам да одобри кревање на ветото за Македонија без да падне Владата, иако тоа им го ветил, а од друга страна, ваквиот негов потег пред бугарската јавност ќе биде претставен како интелигентен политички маневар во кој премиерот успеал да го амортизира меѓународниот притисок и да не потпише нешто што би било спротивно на бугарските национални интереси…“