„Дали ‘напредокот’ во работата на македонско-бугарската историска комисија, кој бугарскиот премиер Кирил Петков го најави на општо изненадување, се темели врз прифаќање на предлогот за двете перспективи за одредени настани и личности, или македонската страна еднострано целосно го прифатила бугарското историско присвојување на Самоил?“ – прашува весникот „Нова Македонија“ во својот редакциски коментар со наслов „Бугарски политичко-историски маневар за средновековниот македонски цар“

„Дали има основа за оптимизам за напредок во работата на историската комисија?“

„Нова Македонија“ пишува: „Деновиве од Софија пристигнуваат сигнали за ‘напредок во работата на македонско-бугарската историска комисија’.Таквите сигнали беа потврдени и од бугарскиот премиер Кирил Петков, кој изјави дека ‘е постигнат напредок за важни историски личности и нивниот третман’. Дали има вистински напредок во работата на комисијата, ако се земат предвид децениските бугарски постапки, што го негираат правото на Македонците сами да го одредат својот национален идентитет на поинаков начин, со историско гледање поинакво од она во Бугарија?“

„Бугарските историчари инсистираат само на нивното гледање“

„Драги Ѓоргиев потврди дека постои проблем околу Самоиловото Царство: ‘Од наша страна понудивме при претставувањето на цар Самоил во учебниците, учениците да имаат две перспективи на таа Самоилова држава: дека е наследник на средновековното бугарско царство, но и дека има тези дека е независно царство.’ Првиот човек на македонскиот дел од комисијата посочи и дека неговите бугарски колеги инсистирале да биде само царство што ја наследува традицијата на Првото Бугарско Царство. Бугарските членови во комисијата го негираат правото на македонските членови на комисијата да искажат историско гледиште поинакво од она на бугарската ‘историографија’. Гледиштето на македонската историографија дека Самоил создал нова држава со јадро во Македонија е споделувано и потврдено од европските историчари, вклучувајќи и повеќе руски историчари, како што е Игор Николаевич Панарин.“

„Македонските црвени линии во однос на наметнатиот проблем од Бугарија јасно се определени во Меморандумот на МАНУ, МПЦ и УКИМ, преточен во резолуција усвоена од македонското Собрание, во кој се вели дека ‘македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековни традиции’. Во овој контекст Самоиловата држава е традиција, од која Македонците го црпат својот легитимитет и сите отстапки можат да го нарушуваат нивниот национален идентитет. Притоа ќе се прекрши и принципот за почитување на поинаквиот историски поглед.“.

„Цар Самоил – владетел на држава со јадро во Македонија“

„Во бугарската историографија доминира гледиштето дека цар Самоил и неговата држава имаат бугарски карактер, но не сите се согласуваат со тоа. Повеќемина европски историчари посочуваат дека Самоил создал нова држава, која ја разграничуваат од Првото Бугарско Царство, уништено во 971 година. Светски истакнатиот византолог Георгиј Острогорски: „Царството на Самоил значајно се разликувало од бугарското Симеоново и Петрово Царство. По составот и карактерот Самоиловото царство било ново царство. Тој го преместил неговиот центар кон југозапад и Македонија го сочинувала неговото јадро. Ако главната цел на Самоил би било воспоставувањето на старото Бугарско Царство, тој би се свртел кон бугарските земји и би се стремел да ги ослободи. Но интересот на Самоил кон старите бугарски земји бил впечатливо мал.“

Интернет-врска до целиот коментар:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/bugarski-politichko-istoriski-manevar-za-srednovekovniot-makedonski-car/