Последната епизода за „нечујно и невидливо“ предефинирање на општествената неприкосновеност на македонскиот јазик е препознаена и разоткриена во обидот за преструктурирање на македонистичките студии на Филолошкиот факултет при УКИМ, констатира Нова Македонија.

@До неодамна и во Македонија постоењето и изучувањето на македонскиот јазик беа утврдени како аксиоми, кои не се докажуваат и се нераскинливо поврзани со дефиницијата на македонскиот национален идентитет, државност и општество, но и природна состојба и логичен избор за општа и секојдневна комуникација. Сепак, под влијание на повеќе надворешни и внатрешни политички тенденции, улогата на македонскиот јазик во Македонија како да е ставена на преиспитување и предефинирање.

Тенденциозните оспорувања на посебноста и континуитетот на македонскиот јазик од соседите во минатото, „воскреснаа“ со договорите за добрососедство, особено со Бугарија, но своја улога има и билатералниот договор со Грција. Преиспитувањето на кохезивната општествена вредност на македонскиот јазик во Македонија, пак, на внатрешен план се случи со процедурално спорното усвојување на Законот за употреба на јазиците, но и со политичкото инсистирање за негова примена. Иако политичарите настојуваат да звучат уверливо кога изјавуваат дека македонскиот јазик (и идентитет) не е загрозен, речиси континуирано во заднината на политичката реторика „нечујно и невидливо“ се прават обиди за релативизирање и маргинализирање на неговиот статус, улога и значење во македонското општество. Засега последната епизода за „нечујно и невидливо“ предефинирање на општествената неприкосновеност на македонскиот јазик е препознаена и разоткриена во обидот за преструктурирање на македонистичките студии на Филолошкиот факултет при УКИМ.

Токму катедрите по македонски јазик (и јужнословенски јазици) и по македонска (и јужнословенска) книжевност, кои имаат стожерна и стратегиска улога при формирањето и постоењето како на Филолошкиот факултет, така и на самиот Универзитет, беа ставени под ризик на загрозеност од нивно претопување и „невидливост“ во новопредложената програмска структура на факултетот. Таквото сведување на студиите по македонски јазик, како еден избор од лингвистичките студии на факултетот, кај дел од професорите, но и од МАНУ беше препознаено како своевидно укинување на националните катедри. Разоткривањето на ваквите програмски намери за преструктурирање и менување на статусот на македонистичките студии во еден миг ескалира до обвинувања за ширење лажни вести и тврдење на професорите од Катедрата по македонски јазик и деканката на факултетот дека не постоела никаква иницијатива, ниту се преземале дејства за промени во концептот на студии на Филолошкиот факултет што би воделе до укинување на националните катедри.