- Граѓаните најмногу пари им должат на банките за потрошувачки кредит – 1 милијарда и 829 милиони евра. Со зголемувањето на основните каматни стапки на НБРМ, економистите очекуваат ново зголемување на каматите, но и на трошоците за оние кои веќе земале заем. Секој граѓанин веќе должи по 1.834 евра.
Со зголемени каматни стапки банките им ја честитаа новата 2023 година на граѓаните. Преку електронска пошта тие ги известија своите клиенти дека сега на месечно ниво ќе мора да издвојат повеќе пари за рата. Таков е случајот со една скопјанка која сакаше да остане анонимна. Таа преку електроска пошта била известена од банката дека каматната стапка на потрошувачкиот кредит од јануари и се зголемува од 9 на 10 отсто. Зголемување на каматната стапка имало и лани во јули.
„Ова е второ зголемување на каматната стапка во рок од шест месеци и поради тоа сега се трудам да исплаќам повеќе пари на месечно ниво од минималната рата“, вели граѓанка која сакаше да остане анонимна.
Според последните достапни податоци на Народна банка – НБРМ, потрошувачките кредити во декември минатата година споредбено со истиот месец во 2021 година, забележале раст од 6,3 отсто. Граѓаните најмногу пари на банките им должат токму за оваа намена или 1 милијарда и 829 милиони евра.
Во речиси категории на кредити во рок од една година има зголемување на долгот, односно кај потрошувачките, станбените, автомобилските кредити и на кредитните картички. Единствено намалување има кај кредитите одобрени врз други основи.
„Во споредба со декември минатата година, зголемувањето на кредитите на домаќинствата од 7,3% е резултат на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута“, се наведува во соопштението на Народна банка за монетарните движења во земјава.
Народната банка постепено ги зголеми основните каматни стапки од 1,25 проценти во април, минатата година на 4,75 проценти во декември. Основните каматни стапки се сигнал како ќе се движат каматите за граѓаните и фирмите и во комерцијалните банки.
Линк до целата анализа.