Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во своето обраќање пред Советот на Европа во Стразбур, апелираше да се создаде ефикасен механизам за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Тој зборуваше конкретно за 16-те пресуди што Судот ги има донесено за случаите со Македонците и македонското малцинство во Бугарија а кои источната соседка не ги спроведува.

„Бидејќи многу често се донесуваат пресуди – одлуки од страна на Европскиот суд за човекови права и земјите членки истите не ги спроведуваат. Можам да споделам еден пример поврзан со Македонците и македонското национално малцинство во Бугарија. Во овој момент има шеснаесет пресуди или одлуки на Европскиот суд за човекови права кои не се спроведуваат во Бугарија. Шеснаесет не се спроведуваат, не една, не две, туку шеснаесет пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права не се спроведуваат!“, нагласи Николоски.

Овие пресуди и одлуки, како што истакна тој, се поврзани со правото за самоидентификација, со правото за собирање и здружување, за учество на избори, за учење на мајчин јазик и со правото на заштита на националниот интерес во културата.

Нивното неспроведување е лош пример во 21 век и нешто што не смее да се толерира,потенцира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање.

„Овие одлуки се носат овде во Стразбур, Софија одбива да ги спроведе и со тоа ги лишува основните човекови права на граѓаните на Бугарија кои се декларираат како Македонци. Ова е нешто што не треба да се толерира и нешто што е лош пример во 21 век. Тоа е лош пример и за Советот на Европа бидејќи луѓето дојдоа овде, дојдоа во Стразбур, беа во Европскиот суд за човекови права, бараа правда, тие ја добија правдата, но таа не се спроведува во нивната држава“, рече Николоски.

Тој посочи дека Европскиот суд за човекови права е еден од клучните елементи на Советот на Европа и оти мора да се постави цврста агенда која ќе создаде ефикасен механизам што ќе ги натера земјите членки да ги спроведуваат одлуките и пресудите на ЕСЧП.

Николоски истакна дека ова прашање треба да се дискутира на претстојниот самит на Советот на Европа закажан за 16 и 17 мај во главниот град на Исланд, Рејкјавик.

Инаку, Комитетот на министри на Советот на Европа, кој од 6 до 8 декември минатата година ги разгледуваше неспроведените одлуки на судот во Стразбур, ги повика властите во Софија да ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и да дозволат регистрација на здруженијата кои имаат за цел признавање на македонското малцинство во Бугарија.

Меѓу неспроведените одлуки за кои се произнесе и донесен одлука Комитетот на министри на СЕ се и оние за македонските здруженија кои уште пред 16 години го добија првиот случај на ЕСЧП против Бугарија. Оттогаш во Стразбур има повеќе пресуди во корист на македонските здруженија во Бугарија.