Дури и Собранието да го донесе законот за 60 часовна работна недела по истекот на 45 дена од потпишувањето на договорот помеѓу Владата и „Бехтел и Енка“ ќе мора на изведувачот да му платат 53 милиони евра, објави на Фејсбук потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

„Тоа што сакам денес да го обелоденам е дека согласно истиот договор Македонија ќе ги плати овие пари доколку законот за 60 часовна работна недела не се донесе во рок од 45 дена по потпишување на договорот со Бехтел и Енка!

Исто така пишува дека дури и да се донесе законот после овие 45 дена сумата од 53 милиони евра ќе се плати. Договорот Влада – Бехтел и Енка беше потпишан на 8 Март, а 45 дена поминуваат на 22 Април! Тоа значи дека на 23 Април сите граѓани на Македонија за ништо ќе треба да платат 53 милиони евра“, пишува Николоски.

Тој додава дека ова не е само основ за оставки на Ковачевски и на Груби, туку и за сериозни кривични пријави, кои ако не ги добијат сега, по промената на власта и формирањето на Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ не им бегаат.