Бобан Николов со голот во втората минута од судиското надополнување на времето од првото полувреме ѝ донесе на фудбалската репрезентација на Македонија победа над Израел од 1:0 во Скопје за трето место во групата Г од квалификациите за Европското првенство 2020.

За највисокиот пласман на „црвено-жолтите“ во квалификации за големо натпреварување помогна и поразот на Словенија од 3:2 во Полска, па избраниците на селекторот Игор Ангеловски завршија пред „змајчеки“ на табелата поради подобриот биланс во меѓусебните дуели, иако двете селекции освоија по 14 бода.


За Македонија ова беше првпат да не загуби од Израел во досегашните четири натпревари како домаќин и вкупно втора во меѓусебните средби.

На ЕП се пласираа Полска и Австрија, која во последното коло си дозволи „луксуз“ да му овозможи први бодови на фенерџијата Летонија, од која загуби со 1:0 во Рига.

Конечна табела: Полска 25 бода, Австрија 19, Македонија 14, Словенија 14, Израел 11, Летонија 3.