Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров кажа дека бил пречка за лошо решение со Бугарија, а посочи дека нема доверба во министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Според Димитров, министерот Османи сакал успех по секоја цена да се реши прашањето со Бугарија.

„Прашањето е поважно од Владата, од оваа, од следната, од сите“, вели Димитров.

„Да, немам целосна доверба во министерот за надворешни работи во однос на прашањето со Бугарија, со оглед на моето искуство на интерните координации, средбите во Брисел. Имам чувство дека таму има ‘драјв’ за успех по секоја цена, што мислам дека е опасен и не продуктивен. Можеби грешам и се надевам дека грешам“, кажа Димитров.

Посочи дека македонскиот јазик е интимна работа и е наш, а државата е независна, па затоа, право и должност е достоинството да се зачува. Тој кажа дека одбил понуда да биде амбасадор во Вашингтон и рече: „Тоа не само што ќе ме тргнеше од дома, туку и ќе ми го врзеше зборот“. Тој додаде: „Има причини и потреба од посебна будност за ова прашање“.

Нагласува дека нечиј интерес и во земјата и надвор од неа е тој да не биде дел од владата, но и да не биде дома, поради што, како што истакна, добил понуда за амбасадорско место што го одбил.

-Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи, рече Димитров на денешната прес-конференција.