Незгодни прашања од Груевски: Каде ви се гасоводите?

Поранешниот премиер Никола Груевски во објава на Фејсбук ја критикува Владата и ги споредува странските директни инвестиции и воопшто капиталните вложувања во негово време и сега.

„Постојат повеќе причини зошто во последните шест години нема многу нови гринфилд, странски директни инвестиции кои ги пронашла, им пристапила и со своја активност и свои луѓе и политики ги привлекла актуелната влада“, пишува Груевски, нагласувајќи дека тука не влегуваат оние компании „со кои ние ги бевме завршиле или привршиле преговорите, а инвестицијата се случи по нашето заминување од власт“.

Зборувајќи за отворањето на американската фабрика за електронски уреди „Кемет Електорникс“, Груевски пишува:

„Ништо не ни дојде ниту случајно, ниту без многу труд, работа и знаење. Во овој случај уште поголемо ни беше задоволството што се покажа дека нашата одлука да земјата се рекламира за инвестиции и за туризам на CNN international и на други меѓународни медиуми се покажа за многу исправен потег (за жал веќе од 2017 година е запрено), иако и ова беше силно критикувано како непотребно трошење пари од тогашната опозиција, а денешна власт“.

„Не плукај по нешто со што утре можеби ќе бидеш горд со истото. Ќе ти биде непријатно“, напиша Груевски, потсетувајќи дека опозицијата во негово време го критикуваше начинот на кој беа привлекувани инвестиции, преку министри кои тој ги привлекол од дијаспората, со реално и одлично искуство во мултинационални компании.

Екс-премиерот кој е во бегство вели:

„Седма година откако го завршивме гасоводот од кумановско Клечовце до Штип, се уште не е ставен во употреба.

Речиси истото е и со гасововодот Штип – Неготино/Кавадарци.

Шеста година како не е завршен гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар, а требаше да биде до 2019 година, како и гасоводот Неготино/Кавадарци – Прилеп – Битола

И вам ви е приоритет гасоводот? Енергетиката?“, пишува поранешниот премиер на Фејсбук…