Независната угостителска комора испратила низа барања до Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.
Укинување на ограничувањето на работното време и на одлуката за забрана со работа во внатрешните делови на угостителските објекти или во најмала рака дозвола за работа во внатрешноста на оние објекти кои имаат „златен сертификат“, се дел од барањата.
Од НУК бараат да се укине и забраната за настап на музички групи во угостителските објекти и да се дозволи одржување на настани, прослави и веселби во сите угостителски објекти согласно предлог-протоколи што треба да се изготват. Се предлага да се дозволи на иста маса соодветно да седат шест или повеќе лица.
„Во случај кога се работи за една цела фамилија (традиционални фамилии од повеќе генерации), со повеќе од четири лица, да се дозволи да можат како фамилија да седнат сите на една маса, а не да ги навредуваме фамилијарните вредности и да ја делиме фамилијата која живее под ист кров на две или повеќе маси – велат од НУК.
Од НУК очекуваат дека Комисијата за заразни болести ќе ги земе предвид овие нивни предлози при креирањето на новите мерки.