Независен: Преку кој јавен конкурс внук на Ахмети стана дипломат?

„МНР веќе втор ден праќа исто соопштение со кое сака да се исклучи од одговорноста за именувањето на „брза лента“ на внукот на Али Ахмети, Бесиан Ахмети, за економски промотор и прв секретар во амбасадата на Македонија во Брисел“, објави „Независен“.

„На кој јавен оглас е примен Бесиан Ахмети и по која процедура, е прашање на кое досега не излезе да објасни Министерството за економија, ниту пак излезе МНР, освен со тврдењата дека се било според закон“, прашува порталот.


Дали премиерот не знае дека внук на Али Ахмети станал – дипломат, прашува ВМРО-ДПМНЕ

Од МНР, обвинуваат дека соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ за дипломатската кариера на внукот на Ахмети и споменувањето на МНР во тоа се дел од работата на фабриката за лажни вести на оваа партија. 

„Информираме дека согласно законските прописи, како економски советници, покрај дипломатите вработени во Министерството за надворешни работи, а на барање на останатите економски ресори, се испраќаат и вработени во другите министерства, како што е Министерството за економија, Министерството за земјоделие и други, при што законски е утврдено дека во овој случај економските советници се испраќаат со дипломатско звање – прв секретар.

Имено, согласно член 68-а став 1 од Законот за надворешни работи врз основа на писмена спогодба Министерството и институции од јавниот сектор за вработените од членот 14 став 1 група II од Законот за вработените во јавниот сектор и за вработени кои работат на економски активности за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот, по спроведена постапка за избор, а по претходно објавен интерен конкурс во институцијата во кое лицето е вработено, Министерот за надворешни работи може да упати во дипломатско-конзуларно претставништва вработен кој ги исполнува условите од истоимениот член.

Економската димензија на дипломатијата е тесно поврзана со работата на економските ресори во Владата – прашањата поврзани со условите за водење бизнис, бенефициите за странските инвеститори, развојните планови на Владата, потенцијалните региони за бизнис во различните сектори итн. –  и оттука логично е Министерството за надворешни работи да се потпира на кандидатите кои низ конкурс ги предложиле економските ресори во Владата“, стои во реакцијата на МНР.