Американскиот претседател Џо Бајден прогласи вонредна состојба во сојузната држава Калифорнија, каде од 26 декември досега 19 лица загинаа во невремето што предизвика поплави, прекин на струја, евакуација и затворени патишта.

Нов голем бран дожд и снег во планините вчера погоди многу области на најнаселената американска сојузна држава, пренесува Ројтерс.

Нова „атмосферска река“, систем што носи огромни количества влага, се очекува во понеделник, кој е празник во САД, и ќе донесе „нови екстремни врнежи“, предупреди Националната метеоролошка служба (NWS).

Веќе се оштетени далноводите, а поплавени се ниви и патишта.

NWS очекува „катастрофални поплави“ во долината на реката Салинас, важна земјоделска област јужно од заливот Сан Франциско.

Бајден одобри федерална помош за државните и локалните служби за опоравување во областите погодени од зимски бури, поплави, лизгање на земјиштето, се вели во соопштението на Белата куќа.