,,Невидениот” предлог пак на маса, кој во име на македонскиот народ преговара со Софија – пишува Горан Момироски

Бугарски извори тврдат дека во текот на викендот и денеска по налог на политички фигури се интензивирани контактите меѓу технички претставници на властите во Скопје и Софија за билатералниот протокол што Бугарија бара да го потпише Македонија како предуслов за почнување преговори со ЕУ.

Според извори во владата во Софија политички преговарачи во Скопје се Ковачевски, Османи и Маричиќ а на техничко оперативно ниво нив ги спроведуваат двајца контроверзни македонски дипломати.

Едниот е дипломат од кариера Методија Белевски, кој до 2017 ,,се колнел” на верност кон ВМРО-ДПМНЕ а кој за своите досегашни ,,заслуги” за Преспанскиот и Бугарскиот договор од 2017 година од страна на СДСМ и ДУИ е веќе избран за амбасадор во Брисел.

Белевски кој од членови на Комисијата за историски прашања беше посочуван како ,,машата” преку која Османи вршел притисок врз комисијата се очекува формално да стане амбасадор откако ќе ја затвори последната задача поврзана со Бугарија.

Вториот преговарач е неискусниот Драган Алчинов, екс твитерџија кој беше дел од ударната пропагандна екипа на СДСМ пред референдумот за промена на името и Договорот од Преспа за потоа да биде вработен во МНР.

Алчинов е човекот за кој Бујар Османи во Заспиј ако можеш потврди дека е записничар на македонско-бугарска комисија со објаснување дека тој е само технички кадар.

Наводниот технички кадар кој е многу тазе дипломат сега е конзул во Софија и од таму според бугарските добро информирани извори е вклучен во разговорите со Бугарија.

Според Османи доколку Македонија добие подобар модифициран предлог од Франција до крајот на претседавањето на Париз на 30 јуни владата на СДСМ и ДУИ може да прифати договор со Бугарија.

Според Софија шансите Македонија да почне преговори зависат од прифаќањето на билатералниот протокол.

А во неговата сегашна форма од која Бугарија нема никогаш да се откаже, Македонија ќе треба да се откаже од Гоце Делчев, Илинденско востание, Самоил, македонскиот јазик како автентична лингвистичка појава на македонскиот народ и низа други небулози кои не се вредни ни за читање а камо ли за преговарање.

Колку потезите на владата на СДСМ и ДУИ се погрешни најдобро говори интервјуто што авторот на оваа колумна ја направи со шефот на Европската Иницијатива за стабилност Гералд Кнаус кој вечерва во ,,Заспиј ако можеш” на Алфа говори за катастрофата што и се заканува на Македонија а која властите во Скопје не ја гледаат или не сакаат да ја видат.

Пишува Горан Момироски