Зошто најблискиот соработник на премиерот одговорен за националната безбедност се сврте против човекот што го постави на моќната позиција, е прашањето што не ми дава мир.

Фрапантното несовпаѓање за „бомбите“ на исказот на советникот за национална безбедност, Зоран Верушевски, со јавната изјава на Заев дека прислушуваните разговори биле доставени од загрижени граѓани во дворот на СДСМ е само дел од дилемата дали меѓу Заев и Верушевски започнува битка или нова драмолетка за широки народни маси.

Премиерот на 31 јануари 2015 година изјави дека материјалите од прислушкуваните материјали биле доставени од загрижен граѓанин – фрлени во двор.

Во моментот кога Заев ја даваше изјавата, Верушевски се наоѓал во седиштето на СДСМ,  на Бихаќка, што значи дека бомбите биле фрлени во дворот на седиштето на тогашната опозициска партија.

Зошто тогаш Заев излажал и не ја кажал вистината е до некаде разбирливо, но зошто сега неговиот најблизок соработник во Владата, кој од неодамна е и прв човек на комисијата за безбедност на СДСМ, открива дека неговиот шеф лажел.

За потсетување, вчера Верушевски директно обвини дека „бомбите“ што на прес конференциии биле модифицирани и компромитирани.

Со тоа Верушевски директно обвини дека некој ги менувал аудио-материјалите кои урнаа влада и ја внесоа земјата во најдлабока криза од 2001 година.

Еден од можните одговори, што се споменува во кругови блиски на СДСМ на прашањето зошто Верушевски го урива Заев е дека на Верушевски му е јасно дека премиерот е „готов“ и дека сака што е можно побрзо да го тргне пред да ја уништи целосно веќе нагризената партија на власт.

Вториот одговор е дека Верушевски го знае расположението на странците на кои Заев сега им треба само додека се влезе во НАТО по што ќе ја загуби и сега драматично намалената поддршка.

Третата можна причина за ударот кон Заев од Верушевски се преструктуирањата во СДСМ каде што групата позната како „Скопското крило“, која со поддршка на двајца важни сегашни и екс државни фукнционери, се обидува да ја спаси партијата по заминувањето на Заев од премиерската позиција.

Прашањето за иднината на СДСМ во партијата доаѓа откако Заев со помош на неколку свои блиски соработници почнал да работи на проектот „Заев лидер на опозиција“ откако ќе замине од премиерската позиција.

Дел од партиските функционери кои се свесни дека, како и Црвенковски и Груевски предходно, Заев како шеф на опозицијата ќе биде премногу ранлив со идната влада на ВМРО-ДМНЕ, сакаат да го спречат Заев да продолжи да ја управува партијата кога ќе замине во опозиција.

Дали Верушевски, кој пред само 3 месеци замина од Владата за да биде и шеф на партиската комисија за безбедност, е дел од оваа битка се уште не може да се каже со сигурност.

Дека како некогаш најблизок соработник на Црвенковски точно знае кога „бродот почнува да тоне“ е неспорно, како што е неспорно дека тој има интерес да биде дел од силна опозиција ослободена од бремето на Зоран Заев.

Каков ќе биде одговорот на Заев и на неговата група по „нападот“ од Верушевски, ќе се знае најдоцна до нова година.

Одговорот до Верушевски и можната „опозиција“ на идниот лидер на опозицијата веќе се подготвува.