Слонот во македонската стаклена продавница лоцирана на улицата Илинденска но и на Бихаќка (Павел Шатев) стана нервозен и почна да крши чаши, бокали, лустери, новинари, адвокати, новинари и професори.

Дека во кругот околу премиерот се случува тотален хаос знаеме уште од мај годинава.

Но никој не можеше да претпостави дека тој хаос за само 100 дена ќе кулминира и ќе се настрви јавно и прилично нервозно кон луѓе кои беа рамо до рамо со Заев, Шеќеринска, Димитров и важеа за неформални лидери на антигруевизмот.

Никој не можеше ни на сон да очекува дека притисната од крајот што неминовно се ближи пропагандата под контрола на “кабаетлиите” во СДСМ ќе започне жигосување на “глас на вмровското зло” (Героски), “адвокатот на мафијата” (Проф. Калајџиев) и “болно амбициозниот” (Давидовиќ).

Се работи за одбранбен механизам, инстинктивна реакција на систем кој не само што не е демократски туку е гнил во својот корен. И затоа во своите мантри наводно се обидуваат да го одделат здравото од мртвото ткиво во Заевизмот.

Мислат дека со ширење на омраза и психолошки притисок кон Героски, Давидовиќ и Калајџиев ќе ги амортизираат другите стотици досегашни поддржувачи на Заев кои сфаќаат што се случува и ги засилуваат критиките кон владата.

Се обидуваат да го запрат процесот на загадување на ткивото на СДСМ не прифаќајќи ја реалноста во која без да се исчисти смрдежот во главата, опашката ќе продолжи да смрди дури и ако се попари со домашен чај од канабис.

Она што збунува не се луѓето до Заев кои немаат што да загубат, туку реакциите на луѓето кои ја креираат комуникациската стратегија на премиерот и кои со децении имаат лични и професионални релации со тројцата жртви на владината пропаганда со кои се занимавам денеска.

За Заев, Рашковски, Костадинов, Забрчанец, Спасовски, Трендафилов, и неколку други луѓе од највисока доверба на премиерот е јасно дека и по цена да завршат в затвор ќе останат до крај во менталниот бункер на Заев како што тоа го направија Гебелс, Борман и Ева Браун во 1945 во бункерот на Хитлер во Берлин.

Но зошто за нападите на владините медиумски јуришници врз Героски молчат Роберт Поповски, Сашо Ордановски и Зоран Бојаровски кои ја креираат пропагандната стратегија на Заев е целосно нејасно освен ако немаат намера во иднина да се бават со јавност.

Ако не се свесни дека “пилето е веќе избегано” и дека срамни напади врз новинари и професори не можат да го спречат неминовниот финалнен крах тогаш пак вината е кај нив.

Не само затоа што немаат доволно информации што следува туку и затоа што оставаат простор за дилема дека се водат од други побуди кои немаат врска со чест, достоинство, витешка битка и почитување. Овие правила поради наталожената омраза кон опозицијата не мора да се аплицираат на “небањатите вмровци” и “платеници на злото” но можат да важат барем за луѓето наведени погоре со кои практично до вчера беа во антивмровските ровови.

Она што ме шокира е што од авион се гледа дека тактиката на СДСМ е погрешна.

Ад хоминем нападите на владините ботови врз јавни личности, засилување на интернет војната во која на социјалните мрежи се блокираат критички настроени медиуми и конечно влезот на УЈП во единствената критички настроена национална телевизија Алфа е одлична формула на власта за го забрза својот крај.

Во 2014 година напишав за тогашната власт, истото го мислам и сега. Во услови на моќни социјални мрежи и други отворени извори на информации во комбинација со комуникациски канали надвор од контрола на Владата целосно е неважно дали УЈП ќе ја затвори Алфа ТВ или ќе блокира портали и Фејсбук/Твитер профили.

Единствен начин за политичка битка и победа се резултатите.

Елиминација на Героски или “диференцијација” на Калајџиев и Давидовиќ се можни само ако странските инвестиции во првиот квартал наместо 50 беа 500 милиони евра.

Ако наместо со месеци пустите градилишта автопатот Охрид – Кичево летово беше отворен за сообраќај, ако наместо за купување социјален мир задолжувањето се троши на развојни проекти, ако на дуќаните низ центарот на Скопје наместо “Се издава” пишува “Се бараат работници”.

И конечно ако Катица Јанева цели 30 дена не беше пуштена да брише компјутери и да уништува докази а за пријавата на премиерот за случајот Рекет до Русковска никаде да нема писмена белешка.

Во пресрет на финалната битка меѓу Заевизмот и сите останати, верните слуги на семејството Заев треба да знаат дека во Македонија има стотици мали неформални центри по урнекот на “Симон Визентал центарот” во Виена.

Сите што се огрешиле мора да знаат дека еден ден, порано или подоцна, секој ќе си го добие заслуженото место во историјата и истрагите.

За предавството со името, за виртуелната кантонизација на Македонија, за уништување на правосудниот систем, за финансирањето на нивните фирми со државни фондови, за милионските договори во 4 очи и два џеба…